НАТО е загрижен за политички збиднувања во земјава, поради што шефот на канцеларијата во Македонија, Рубен Радев бара итно решавање на проблемите и фокусот да се стави на главните предизвици кои ги потенцираше и секретарот Столтенберг на последната средба со премиерот Груевски.
„Недостигот на политички дијалог, немањето доверба во владеењето на правото и недостиг на слобода на медиумите се предизвици кои треба да се надминат, бидејќи овие вредности се во срцето на ЕУ заедницата. Сите политички сили во земјава да делуваат одговорно, да се вклучат во конструктивен дијалог и да се фокусираат на политичките и економските реформи кои се потребни за прогрес на државата во евроатланската агенда“, изјави Румен Радев, шеф на канцеларијата на НАТО во Македонија.
Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет повика на поголемо вклучување на меѓународниот фактор за надминување на кризата.
„Ние уште еднаш бараме да ни подадат рака НАТО, ЕУ и САД како стратешки партнери, преку посредници да ни помогнат уште овој пат за да излеземе од политичката криза. Никој нема право на граѓаните на Македонија да им ја загрози евроатланската перспектива“, рече Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет на Македонија.




