Најголем проблем на Ромите во Македонија во моментот е дискриминацијата при вработување во државните институции, но претставки има и од приватниот сектор, велат во одделот за социјални прашања на ЕУ во Македонија.
„Најгорлив проблем се вработувањето и стереотипите. Иако во однос на образованието има значајни поместувања,сега проблем е вработувањето на високо образованите кадри, рече Нафи Сарачини од ЕУ Делегацијата.
Претставникот на ЕУ Делагацијата Мауро Ди Вероли за НОВА изјави дека Европската унија преку рамковната директива планирана за периодот до 2020 година ги повикува земјите членки и земјите кандидати, да ги усогласат политиките и законодавството и да направат важни чекори во обезбедувањето на домашни политики за интеграцијата на Ромите.
„Медиумите играат огромна улога во борбата со стериотипите. Проблем е невработувањето, образoванието, пристапот до основни услуги, достоинствено домување. Ние ќе се потрудиме да има нови проекти за да се обезбеди континуитет меѓу високото и вработувањето, како за Ромите така и општо земено, изјави за НОВА Ди Вероли.
Нема податоци колку има невработени Роми кои завршиле високо образование. Но, велат дека има забележителен процент на деца кои не посетуваат училиште, а 6 до 10 проценти од децата кои посетувале основно училиште не го продолжуваат образованието понатаму. Од таму потенцираат дека се додека нема социо-економски развој ќе има проблем со вработувањето.
Во однос на домувањето на Ромите не е направено речиси ништо. Ромите живеат во супстандардни услови, без струја, вода, канализација.
„Треба интегриран пристап, доколку се обезбеди стан, треба и вработување и здравствена заштита. Инаку, проектите немаат ефект“, велат од ЕУ Делагацијата.
Што се однесува до изборните манипулации каде Ромите се користат како гласачко тело, за вреќа брашно или еден сендвич, од таму велат дека немаат влијание на тоа што се случува за време на изборите, но можат да помогнат финансиски со проекти за ублажување на проблемот.