Десетици македонски навивачи кои пристигнале во Германија на аеродромот во Дортмунд како гости на фановите на Шалке, синоќа биле вмешани во тежок инцидент, јави Дојче веле.
Група македонски навивачи синоќа учествувалa во инцидент пред аеродромот во Дортмунд, каде пристигнале како гости на навивачката група на фудбалскиот клуб Шалке од Гелзенкирхен.
Според информации на полицијата, групата македонски навивачи била пречекана од своите домаќини на аеродромот околу 21 часот. Веднаш по излегувањето од аеродромската зграда, навивачката група на Шалке се соочила со ривалска група на навивачи на Борусија Дортмунд.
Дошло до жестоки судири и масовна тепачка во која учествувале околу 120 навивачи од двете страни.
Хулиганите фрлале и со камења, а малубројната аеродромска полиција не можела да го спречи инцидентот. По интервенција на полициски сили од градот Дортмунд, кои употребиле и солзавец, состојбата се смирила.
Од полицијата во Дортмунд утрово за ДВ изјавија дека во инцидентот немало повредени, ниту уапсени, но според билтенот предизвикана е материјална штета врз неколку возила на паркингот на аеродромот во Дортмунд.