Апелот за амнестија на функционери од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од страна на екс-премиерот и сегашен добростоечки бизнисмен Љубчо Георгиевски е разбирлив, зарем не? Тоа е очајнички апел најмалку за политичко преживување и опстанување, тоа е пред се крик на новокомпониран милионер, кој под сомнителни и никогаш истражени околности стана сериозно богат човек со повеќе адреси на живеење (информациите говореа за бугарско државјанство, никогаш докажано), претходно амнестиран од странскиот фактор само за да стави потпис на Рамковниот договор и потоа да го снема најмалку засекогаш од политичката сцена.
Но, ништо не може засекогаш да ја спречи желбата за политичка моќ и влијание, како што засекогаш не може да го снема стравот од последиците- во случајов стравот на Георгиевски од досието кое Груевски го поседува за него.
Кој во такви околности не би го бранел егзектуторот кој е деноноќно и доживотно наведнат над главата на жртвата и со едно кревање на раката му пресудува?
Како вели Георгиевски- амнестијата ќе важи за обете партии, затоа што “и двете страни се спремаат за период кога ќе има многу апсења, и ако влеземе во тој циклус, никогаш нема да излеземе од кризата и после некое време пак ќе дојдеме до тој момент да има амнестија”.
Јасно е- Георгиевски воопшто не стравува за можното затворање зад решетки на Заев, како што не се плаши ниту пак за иднината на Груевски и неговиот евентуален крај преку судска завршница.
Неговата студена пот е само негова, тој е фокусиран само на сопствената кожа- дебела, повеќеслојна, која со тек на времето, како што поминуваат годините се лупела и излитувала, за докрај да го покаже грдото и деформирано лице на македонската политика. Георгиевски апелира само за себе и за никого и ништо повеќе.
Што вели легендата после овој предлог на Георгиевски, каде го обвини и лидерот на опозицијата дека еднакво прислушкувала неговата партија како и владејачката? Дека многу брзо потоа разговарал со Заев на оваа тема и му ветил- ако види докази дека прислушкувањето е дело на Груевски и неговата фамилија (роднинска и политичка), јавно ќе му се извини.
Доблесно, зарем не, особено кога треба да се спаси онаа кожа погоре опишана, затоа што Георгиевски знае што можат да содржат бомбите за него, лентите од прислушкуваните разговори каде тој договара политички и други комбинаторики, а во исто време се претставува во јавноста како лут опонент на Груевски, загрижен за иднината на Македонија. Во светската политичка историја ќе сретнете многу, многу загрижени и вознемирени политичари за сопствените земји, вредни за почит.
Сетете се само на политичката врхушка од Екваторска Гвинеја, која во 2014 се спогоди за амнестија на политичките криминали, во обид да ја седне на заедничка маса опозицијата (во егзил, избегана и протерана, како и онаа која гние низ затворите на земјата) и власта, која низ политички канибализам, тортура, убиства, произволни апсења и изживувања по затворите, тотална репресија на опозицијата (не само партиската, се разбира), систематска корупција и изборни фалсификати владееше со децении.
Затоа, ја разбирам надежта на Груевски. Неговите очи се свртени кон претседателот на пријателска Гвинеја, Теодоро Обианг Нгуема, кој во 2013 на изборите победи, со 99 пратеници од 100 во Долниот дом и 54 од 55 во Сенатот. Обианг оваа политичка амнестија ја нарече бришење на државата, а беше иницирана, или поточно силно притисната од меѓународната заедница, која донесе одлука за негов крај, без најава, но и очекувано, ако ја имате на ум практиката на предолго игнорирање и денот кога доаѓа на сцена студениот поглед и треснување на дебелото досие пред премногу долго толерираниот “државник”, кој ништо не научил и не запаметил од историјата на неговите политички браќа низ светот.
Инаку, оваа амнестија се однесува на сите граѓани обвинети за политички криминал, без разлика дали ја служат казната или не. Оттука, не и за Обианг и неговата фамилија (роднинска и политичка), чиј дел на имот подоцна е запленет од американската и француската влада а истрагата за злоупотребите и злосторствата продолжува- да му ја кажам докрај приказната на Груевски за чудните патишта на aмнезијата и амнестијата за неговите пријатели низ светот.