Зоран Иванов
Актуелната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска, ваква, таква, некаква, секаква, способна, неспособна ама темите за неа како градска мајка, посебно сега предизборно, се де пласирани.
Одгласите во партиите па и во јавноста од типот “каде беше до сега, “таа ли најде”, „превозот градски и’ е катастрофа”, “ѓубрето и се претура преку контејнерите”, “зарем само во Чаир има дивоградби” и слични легитимни граѓански па и партиски коментари, држат.
Без сомнение држат.
Беше кандидатка на ВМРО- ДПМНЕ па за некој тендер, за нечии рачиња во медот бргу ја спукаа но, еве, наближуваат нови избори па, скопјани, памет во глава.
Но, но.
Еве Данела да не е функционерка. Да е само службеничка во јавната градска администрација, да има пристап до документите кои откриваат криминали, кои евидентираат појави и субјекти кои диво, бесправно и коруптивно, уште и узурпаторски најбандитски го крчмат јавниот простор, нели тој заедничкиот на сите скопјани и насите граѓани на Македонија, јавен заеднички простор и твој и мој и на твоите деца и на моите внуци и на чаирските деца и на тие кои топрва ќе се раѓаат, нам и ним ни се ограбува нашето и токму за тоа, таа и таква Данела, веќе цел месец тропа по надлежните одаи, по оние ваши и наши институции а, оттаму, молк.
Е, па, граѓани и селани, државјани македонски, толку од државата.
Мртва е. Умрена.
Корупцијата во функционерскиот врв, ја балсамира.
Министерот под заклетва, премиерот, владата, обвинителството – ноеви.
Инспекторати надлежни, катастар, чиновници, началници општински одговорни, не смеат ниту да помислат да писнат, а камо ли да се огласат.
Молк коруптивен брановито ја плиска земјава и се чека само завршното цунами заслужено, гордата ни, нели, држава, да ја повлече на дното на историјата.
И ако уште малку време се’ вака остане партизирано, заробено, нечесно, нечисто, корумпирано, тогаш ништо од Македонија.
Станавме Харвард дури и за боливиската нарко мафија.
Меѓународна катедра за корупција па сега …
Данела не е било кој анонимус. Во случајов таа е свиркач, законски укажувач на криминал со јавни добра.
Со лик, со име и презиме, дополнително и со многу важна државна функција.
И без оглед на нејзините мотиви, совеста ли е во прашање, обврската градоначлничка ли е, одработува ли за некого или за себе си прави епп пред локалните, е сосема сеедно.
За случаите за кои таа сега говори, мотивите нејзини во моментов се сосема неважни.
Темата важна е молкот на државата.
Молкот на власта која си ги мумифицирала институциите да можат да слушаат и да неможат да говорат.
Да молчат за криминалите што самата си ги креира, што таа самата си ги реализира и што самата таа алчно си ги бенефитира.