Повеќе од 300 илјади станови во земјава се празни. Бројот на населението опаѓа, бројот на нови станови расте, но расте остро и нивната цена. Тука се потребни даноци, г. Мицкоски, а не теми за дефокусирање на јавноста, како оној предлог за „данок за неженети“.
Џелал Незири
Германија, Швајцарија, Обединетото Кралство… воведуваат даноци со цел да ги спречат шпекулативните цени на становите. Овие цени се нарекуваат шпекулативни бидејќи се постигнуваат преку лесни кредити, дозволи за градба без критериуми, голема понуда на станови и преку привлекување купувачи со готовина, особено оние од дијаспората. Оваа шпекулативна шема ја зголеми цената на становите во сите земји во развој, особено во регионот, што ги натера властите на тие држави да размислуваат за нови даноци.
Во Скопје, становите се поскапени од 50 до 80% од 2020 година, исто како и во Тетово, Гостивар, Струга, Куманово, Битола и Охрид. Додека бројот на жители опаѓа, побарувачката за нови станови расте – своевиден парадокс кој бара институционален одговор.
Според Државниот завод за статистика, бројот на издадени дозволи за градба во Северна Македонија пораснал за 80,4% во мај 2025 година во споредба со истиот месец од претходната година, бележејќи едно од најголемите годишни зголемувања во овој сектор. Според официјалните податоци, во мај се издадени вкупно 469 дозволи за градба, а планираната вредност на објектите изнесува околу 127 милиони евра – зголемување од 34,1% во однос на мај 2024 година. Само во текот на мај оваа година е планирана изградба на 1.037 станбени единици со вкупна површина од 90.813 квадратни метри.
Иако изградбата на нови станови се забрзува, податоците од Пописот на населението од 2021 година покажуваат дека значителен дел од постојните станови остануваат ненаселени. На државно ниво, од 839.174 стана, 307.187 се празни – што претставува 36,6% од вкупниот број. Во Тетово, 32,3% од становите се празни, односно 9.747 од вкупно 30.167. Во Скопскиот регион, од 243.252 станови, 70.094 се празни – или 29%. Во Општина Центар во Скопје, над 40% од становите се празни, додека Чаир има најниска стапка со околу 22,5%.
Бројките докажуваат дека растот на изградбата не се совпаѓа со реалните потреби за домување, особено во урбаните средини каде што голем дел од новоизградените станови се користат како инвестиции или стојат празни подолг временски период. Оваа шема на шпекулативни цени вештачки ја крева цената на становите, бидејќи овде не се работи за пазарна економија каде што цената се утврдува според односот меѓу понудата и побарувачката. Овој пораст значи дека младите парови, со просечна плата од околу 600 евра и месечни трошоци од над 1.000 евра, никогаш не можат да си дозволат да купат стан каде што ќе ја градат својата иднина.
Токму тука треба да се гледа трендот на намалување на бројот на население, а не во данокот за неженетите, како што пред некое време предложи премиерот Христијан Мицкоски. Тој го оправда данокот со фактот дека во последните четири години земјата изгубила над 33 илјади жители, споредувајќи го тоа со исчезнување на град со големина на Кавадарци или Кичево. Но, наместо ваков апсурден и биолошки данок, Владата сериозно треба да размисли како да го запре растот на цените на становите надвор од секаква пазарна логика. Во развиените земји како Германија, Швајцарија, Канада… каде што нашите млади се иселуваат и создаваат семејства таму, постојат повисоки даноци за вториот, третиот стан и натаму. Канада воведе данок за препродажба во рок од 12 месеци и национален данок за празни станови. Германија применува данок за втор стан во некои градови и дискутира построги реформи за спречување на шпекулативна сопственост. Швајцарија користи даночен систем што ги оптоварува богатите со многу имот преку данок на имот и „замислена кирија“ за празните станови.
Ваквите даночни реформи би влијаеле младите да останат овде, да го планираат животот во оваа земја со тоа што би го обезбедиле основниот предуслов за создавање семејство – покрив над глава. Трендот на раст на цената по квадратен метар во Скопје, Тетово и на други места најавува дека многу брзо еден стан овде ќе чини колку еден во Берлин.
Текстот е сопственост на Инбокс 7.мк