Притвор и пет години забрана за влез во Турција добил менаџерот на агенцијата „Јупитер“ кој измами 400 македонски туристи бидејќи не го платиле нивниот престој во хотелот „ Севџан“ каде што биле сместени за првомајските празници.
Патниците се вратија во Македонија денеска напладне, откако синоќа интервенирале од конзулатот, по што им биле вратени пасошите на 380 патници колку што биле сместени таму. Во хотелот, пред заминување кога им биле задржани пасошите на патниците се одвивала вистинска драма, дошло и до тепачка, по што интервенирала полиција, а менаџерот Бојан Јовановски бил однесен во полициска станица.
„Ние веќе се договоривме да бараме правна разврска за случајот, ќе покренеме групна тужба и ќе ги известиме Здружението на туристички работници, Здружението на потрошувачите и инспекцијата“, вели за НОВА Гордана Дувњак која беше дел од ова групно патување.
НОВА се обиде да стапи во контакт со вработените, но никој од нив не беше достапен, на ниту на еден од телефоните.
Според информациите до кои дојде НОВА, агенцијата должела околу 14 000 евра од претходните туристички аранжмани, за Велигден, 8-ми март и се раздолжувале по малку, колку да донесат нови патници и повторно да се задолжат.
Патниците не биле сместени во хотел за кој платиле, туку во хотелот „Севџан“ кој е 30 километри оддалечен од градот, а за да стигнат до Истанбул имало само еден автобус во одредено време. Група од 20-тина патници кои реагирале остро по пристигнувањето биле сместени во градот. Дел од нив се сместиле во скромен хотел во близина на центарот, а дел во хотел полн со влага и со соби неколку метри под земја.
Како што јави Телма, денеска откако пристигнале некои од патниците биле да пријават во Државниот инспекторат, а агенцијата „Јупитер“ е затворена. Се врши проверка на документите и начинот на работа.
Ова, не e првапат патници да бидат измамени од агенцијата „Јупитер“. Еве што пишуваа медиумите за оваа агенција во 2012 –та година.
„Добивате понуда за наградно патување во Прага по промотивна цена. Уплаќате но ниту ќе ја видите Прага ниту пак парите назад. Туристичката агенција „Јупитер“ пак успеа да измами уште една група граѓани. Платиле за викенд во Прага, а останаа дома. Граѓаните кои резервираа патување преку туристичката агенција Јупитер се повторно измамени. Ниту заминаа на наградниот викенд, ниту пак си ги добија парите назад“.
Од агенцијата им го откажале аранжманот два часа пред патување.
„На 01.11 во 13 часот ни се јавија телефонски дека патувањето е одложено поради тоа што парното е откажано во Прага, во хотелот каде што требало да бидеме, да престојуваме. Значи ни се јавија два часа пред да патуваме, изјавил тогаш еден од патниците, Исмет Реџепи.
Принципот на работа на оваа агенција е секогаш ист. Вработени од агенцијата „Јупитер“ се јавуваат на граѓани, ги користат нивните лични податоци и им соопштуваат дека добиле наградно патување, во кое тие сами треба да си ги платат патните и уште некои други трошоци. Или пак ги продаваат своите аранжмани преку Групер, за цена која е нереална и многу пониска од другите агенции.
Всушност, станува збор за измама бидејќи со тоа ги покриваат и трошоците за престој, а заработуваат и на факултативните тури.
Во неколку туристички агенции со кои контактираше НОВА, велат дека знаат како работи „Јупитер“ и дека постојано им ги руши цените на аранжманите. За нив е нејасно, како досега не реагирале инспекциските служби и не е покренато обвинение за измама.