Граѓанскиот протест и прес-конференцијата на министерката за внатрешни работи вчера започнаа во исто време. Во шест часот поголеми групи млади почнаа да се собираат пред тазе реконструираната барокна зграда на владата. Точно во шест часот внатре во владата во големата сала која се уште го зачувала ентериерот од социјализмот, Јанкулоска ѝ се обраќаше на јавноста. Додека демонстрантите извикуваа „оставка“, Јанкулоска на новинарите им објаснуваше дека од неа оставка може да се бара само доколку некој покрене нејзина интерпелација во Собранието.
За телефонските разговори кои дента беа пуштени на прес конференција на опозицијата, а кои, според лидерот Зоран Заев, илустрираат како министерката, премиерот и други високи владини функционери се обидуваат да ја сокријат повисоката одговорност за случајот со смртта на Мартин Нешкоски, Јанкулоска повтори дека „снимките се монтирани, креирани, сечени и лепени“.
Додека таа зборуваше за црни сценарија на опозицијата, демонстрантите го наполнија и дворот на владата. Во последните неколку години ова е прв пат граѓани кои протестираат да ја поминат оградата од улицата. Исто како што за прв пат пред неколку години зградата на Владата се огради со железни барикади кои до вчера не беа тргнати. А наскоро зградата за прв во историјата ќе добие вистинска ограда, барокна. Помеѓу оние кои први ја поминаа оградата беше и мајката на убиеното момче Мартин Нешковски и неговиот брат Александар.
Снимките од телефонските разговори беа пуштени и пред владата, а новинарите и фоторепортерите кои стоеја зад кордонот полицајци можеа да ја забележат министерката Јанкулоска затскрена во влезот на владата како ги набљудува протестите.
Протестите почнаа мирно, но гневот на насобраните граѓани можеше да се насети во гласните повици за оставка.
Непосредно пред да протестите да ескалираат во отворен судир помеѓу демонстрантите и владата повеќе граѓани кои беа збиени во првите редови до полицискиот кордон пред владата гласно се жалеа дека се мавани со пендреци. Репортери од повеќе редакции, вклучително и редакцијата на НОВА лично сведочеа неколку вакви инциденти кога и постари жени и девојки беа клоцани и удирани. На повреди од полицијата се пожали и мајката на убиениот Мартин Нешковски. Демонстрантите фрлаа јајца, домати и зелки кон владата и полицијата, но се фрлаа и камења и стакло кои во неколку наврати погодија полицајци уште пред да дојде до судирот.
Околу девет часот и триесет минути полицијата со водени топови почна да ја разбива толпата демонстранти, а по повеќе од еден час тоа им успеа. Но, потрагата по учесниците во демонстрациите продолжи по разбивањето, кога пристигнаа и најжестоките обвинувања од граѓани и невладини организации дека полицијата тепа и приведува по улици без селекција. Полицијата упадна и во градската скопска библиотека каде што навечер студентите се подготвуваат за испити.
Триесет демонстранти веќе се приведени и сè уште се држат притворени. Додека за дел од нив нивните блиски обвинуваат дека се притворени без причина, а помеѓу нив и мајки со деца, министерката за внатрешни работи денеска излезе на прес – конференција и обвини за вандализам врз полицијата и ги повтори ставовите дека сето ова е мрачно сценарио на Зоран Заев и странските служби за дестабилизација на земјата.
Изјавите на Јанкулоска – реторика на конфронтација со граѓаните
На социјалните мрежи се повикува на нови протести, а нив ги поддржуваат и Левичарското движење „Солидарност“, Студентскиот пленум, Движењето за социјална правда „Ленка“ чиј член беше и приведен, па пуштен на слобода. Масовно се споделува повикот „Стоп за полициската бруталност“, а нови протести се закажани за вечерва.
Реакциите на МВР и изјавите на министерката Гордана Јанкулоска се чини дека не придонесуваат за смирување на тензиите.
Вандали или граѓани кои бараат одговорност? За професорката Мира Малевска не е чудно што Јанкулоска одбива револтот да го дефинира како револт кон власта.
– Во уставот на САД има одредба дека народот има право на побуна против ненародна власт. Ние тоа го немаме, но сега учиме дека луѓето имаат право да демонстрираат и да изразат незадоволство ако тоа не можат да го направат низ инсититуциите на власта, а очигледно е дека не можат или не можат во одреден мерка, вели Малевска, додавајќи дека кога има демонстрации тешко е да се одржи ред и мир и да се спречи тоа да излезе од контрола, а на крајот да заврши со повреди на полицајци и граѓани.
Според професорката од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања Емилија Симоска, вчерашните изјави на министерката се долни и не одат во насока на разгорување на тензиите.
-Очекувам уште пониски работи бидејќи очигледно се оди на дополнително разгневување на граѓаните за да може да се оправда употребата на полициска сила и да ги докажуваат нивните тези поради коишто единствено можат да опстанат во владата, вели Симоска.
За професорката Малеска настапите на министерката која ја претставува власта не можат да се толкуваат поинаку освен како судир со граѓаните.
-Реториката е да се оди на разгорување и нема простор за премногу оптимизам дека власта ќе дозволи истрага од независни органи кои таа нема да може да ги контролира или дека тие самите ќе си дадат оставки. Ова е реторика на заострување на една конфронтација со граѓаните и ова може да води само кон подлабоки уште подлабока поделба и поголеми конфликти, вели Малеска.
Денеска попладневно во разговор за телевизијата Канал 5 премиерот Никола Груевски повтори дека полицијата била нападната, а дека вчерашните протести се црно сценарио на Зоран Заев за дестабилизација на државата.
Доцна вчера на итен партиски состанок партијата ДОМ на чело со Лилјана Поповска одлучи да ја напушти владината коалцијата, а Павле Трајанов од ДСМ повика на лидерска средба.