Поголема група на средношколци, родители, а помеѓу нив и наставници попладнево на получасовен протест пред МОН уште еднаш ги повикаа надлежните да го продолжат дијалогот.
-Денешниот протест е со одредена симболика, тоа е оставањето ан ученичките информи пре дминистерството. Со тоа покажуваме дека немаме страв и остануваме доследни и цврсти во она што сакаме да го направиме, а тоа е да го подобриме образованието во Македонија. Останува на нив да не повикаат, изјави Александар Милевски, член на Средношколскиот пленум.
Со свирежи, скандирања „Вас да ве тестираме“, и свирежи, средношколците ги оставија училишните униформи, заеднос о црни кеси пред министерството за образование, за како што велат тие симболично да покажат дека „реформите се ѓубре“.
– Тука сме да им дадеме поддршка на учениците. Ги повикуваме уште еднаш господата од МОН да имаат слух, да видат што се случува, месец дена учениците бојкотираат. Срамота е, нека погледнат од прозорите што се случува овде. Децата ни се на улица, треба да ги ставиме во училница. Нека се свеснат, нека излезат во пресрет, нека не повикаат да понудиме решение, но немаат слух, а навистина посакувам да има разрешница, вели родител на средношколец и професор.
Досега околу 10 илјади граѓани се потпишаа на петицијата за поддршка за средношколците. Средношколците повеќе од еден месец ја бојкотираат формалната настава во училиштата, а веќе втора недела спијат под отворено небо во паркот наспроти МОН. Покрај учениците и наставници и родителите формираа Родителски пленум и одлучија целосно да застанат зад своите деца, сметајќи дека нивните аргументи се издржани.
Средношколците бараат во текот на наредните 4 години да се полага стариот концепт на државна матура, а за тоа време работните групи да го усовршуваат новиот модел кој би се применил за следните генерации. Владата го одби ваквиот предлог и одлучи само уште годинава матурантите да полагаат по стариот концепт матура.
Второто барање на средношколците е екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата, но Владата го одби и ова барање и децидно одговори дека преговорите престануваат.




