Судот за човекови права денес донесе уште една пресуда против Македонија во корист на Марина Илиевска од Крива Паланка.
Еве ја нејзината приказна.
Сопругот на Илиевска во 2009 година побарал медицинска помош од болницата во Крива Паланка бидејќи, како што рекол самиот, таа била анксиозна и под стрес. Докторите рекле дека таа треба да биде пратена во психијатриска болница во Скопје.
Двајца полицајци и една болничарка дошле да ја однесат во Скопје. Г-ѓа Илиевска не сакала да оди во Скопје на психијатрија па полицијата со сила ја одвоила од нејзините деца и ја турнала во амбулантната кола. Нејзиниот сопруг им помагал на полицајците да ја внесат во колата.
Во својата тужба Илиевска вели дека полицајците и ставиле лисици, ја удирале и седеле на нејзините нозе во текот на целиот пат до Скопје. Полицајците изјавиле дека употребиле сила онолку колку што било потребно за да ја спречат Илиевска самата да се повреди или да повреди некој друг.
Неколку дена подоцна таа била пуштена од психијатриската болница во Скопје на барање на нејзиниот сопруг без третман или испитување. Потоа таа била примена во болницата во Крива Паланка каде што докторите констатирале повеќе повреди кои, најверојтно, биле направени од удари.
Во 2010 година Илиевска подбела тужба против докторите, болничарката и полицајците. Но тие биле прогласени за невини. Одлуката на првостепениот суд била потврдена на апелација.
Судот за човекови права донесе пресуда во корист на Илиевска поради нарушување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права за нечовечки и понижувачко постапување. Судот вели дека на Илиевска треба да и се плати сума од 5 илјади евра и 300 евра за трошоците како отштета за претрпеното насилство.