Револт и загриженост за приведените деветмина студенти од кои на осум вчера им е доделена мерка притвор, а еден е во куќен притвор, изразија денеска активистите кои се дел од протестите против полициската бруталност кои неделава масовно се одржуваа во Скопје.
Уапсените 9 студенти се товарат за кривичното дело учество во толпа и спречување на полициски службеник во работата. Студентите вчера биле веднаш изнесени пред истражен судија и издадена им е мерка притвор.
-Одлуката да им се определи мерка притвор била донесена веднаш, бидејќи веднаш биле изнесени пред истражен судија. Изјавите на нивните родители говорат дека биле уапсени со зголемена употреба на физичка сила, осуммина се во затвор во Шутка, додека за еден млад човек е одреден куќен притвор. Станува збор за кривично дело кое се казнува од 3 месеци до 3 години, во принцип за ова кривично дело не се определува мерка притвор. Единственото образложение е наведено е да се спречи повторување на кривично дело, односно нивното учество на понатамошните протести, изјави директорката на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска.
Според активистот Здравко Савевски, младите мирно протестирале и приведените се случајно избрани со цел да се создаде страв кај студентите масовно да протестираат.
– Студентите мирно протестираа, не може да стане збор за нивно насилно однесување. Овие луѓе се избрани случајно за да се создаде страв кај студентите бидејќи тие масовно протестираа, но и останатите граѓани. Со денешните настани и притворањето и она што се случува покажува дека власта влегува во втора фаза. Станува свесна дека пропагандата не успева и сега влегува во втората фаза го вртат листот и веќе отворено шират насилство и страв кај населението. На денешниот ден на борбата против фашизмот гледаме дека во Македонија се инсталира фашистичка диктатура. Протестите ќе продолжат, изјави Савески.
Активистите посочија дека протестот против полициската бруталност продолжува и денеска. Собирно место е споменикот на ослободителите на Скопје, веднаш до Владата во 18 часот, пред кој ќе бидат положени цвеќиња.
Дополнително, Хелсиншкиот Комитет упатува апел, секој кој ќе биде цел на приведување од страна на полицијата да се брани со молчење и веднаш да се обрати во Комитетоткој ќе му овозможи бесплатна правна заштита.




