Првата куќа во кои жители на кумановската населба Долно Насење не примија во својот дом се наоѓа педесетина метри подолу од центарот на престрелките. Силните и постојани пукотници и детонации кои ги слушавме и ние тие ги чуле уште во пет часот изутрина. „И оттогаш не престрана“, велат загрижените татко и син кои не советуваат да не одиме нагоре.
И да сакаме нагоре кон жариштето на престрелката новинарски екипи не можат да стасаат бидејќи полицијата не дозволува пристап. Екипите на НОВА и Радио Слободна Европа дотука стасаа искористувајќи едно споредно и незабележително патче на кое немаше полициски пункт.
„Повеќето од соседите ги испратија децата кај роднини од другата страна на градот“, вели Трајче.П. додавајќи дека тој не се плашел особено.
„Ме плашат пукањата, не велам не, ама важно ми е дека со соседите Албанци се држиме. Не знаеме кои се овие луѓе што пукаат и што се случило, но сигурни сме дека тие не се од овде“, вели сосед.
На една од малите збиени улички карактеристични за оваа населба наидовме на поголема група соседи кои беа излезени на улица. Тие беа едни од ретките граѓани од населбата кои се движеа надвор.
„Еве ние сме овде и Албанци и Македонци и заедно сме. Не ни е страв, пиевме кафе сите заедно и чекаме да видиме како ова ќе заврши“, раскажува еден од соседите од групата додека на безмалку 50 метри се слуша експлозија и се крева густ црн чад.
Дел од жителите со кои разговаравме се лути што не можат да добијат повеќе информации од институциите за тоа што се случува и дали има жртви.
Направивме напори да видиме што се случува одблиску, но полицијата учтиво не замолува да се вратиме и да одиме кон Центарот бидејќи тука движењето е забрането.
„Ќе ве погоди снајпер, незашитетени сте,видете колку сте блиску. Ајде одете, не може повеќе нагоре, не знам ни дотука како сте дошле, вели еден од полицајците на пунктовите кои се наоѓаат непосредно пред центарот на престрелките.
На новинарите им преостана да набљудуваат од главната крстосница во Куманово. Пунктовите се засилуваат со полицијата, а детонациите и пукотниците не престанаа. Екипи на Брзата помош беа распоредени насекаде, а полициски возила ги качуваа лекарите и нагоре кон населбата веројатно за да укажат помош на повредените.
Некаде по два часот можеа да се забележат цели семејства како ја напуштаат населбата со торбици и преоѓаат на другата страна на градот. На дел од жителите кои живеат во епицентарот на случувањата полицијата им асистираше да се евакуираат.