Ако до вчера ниту пиле не можеше да прелета, денеска утринава во кумановско „Долно насеље“ имаше врвулици луѓе. Фоторепортери, новинари, љубопитни граѓани и најпосле, оние кои по два дена дошле да видат во каква состојба се домовите кои мораа привремено да ги напуштат.
Глетката во населбата беше страотна. Десетина семејства нема да можат во скоро време да се вратат дома, а има и такви кои останале без кров на глава. Рушевини, стакла, шрапнели од испукани гранати, куќи без кров, но и куќи кои веќе одвај можат да се наречат така.
НОВА разговараше со три семејства чии што куќи се речиси срамнети со земја или сериозно оштетени. Некои од нив расплакани немаа сили да даваат интервјуа, додека други раскажуваа како ја поминале кобната ноќ кога почнале пукотниците. Сите биле дома и немале никакво претчуство што следува. Се разбудиле од пукотниците околу пет часот. Некои од нив повеќе од 12 часа седеле сокриени во подрум или лежеле на земја во ходници додека населбата буквално грмеше од пукотници и детонации. Дел раскажуваат дека полицијата била особено внимателна цивилите да останат безбедни и добро сокриени, а евакуацијата ја дозволиле дури кога се појавиле првите шанси за нивно безбедно извлекување.
„Ми се чини дека и тие беа затечени исто како и ние. Задоволен сум, сепак, и покрај се затоа што сум жив и затоа што полицијата се потруди да не загинеме“, раскажува еден од жителите кој што не сакаше да зборува пред камера.
Во видеото кое го подготви НОВА можете да погледнете снимки и изјави од жителите кои зборуваа со новинарите.