По вчерашните оставки на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерката Гордана Јанкулоска, владата веднаш излезе со нови предлози. Митко Чавков, досегашниот шеф на Бирото за безбедност и Владо Мисајловски, досегашен државен секретар во Министерството за транспорт и врски се луѓето на кои Собранието денеска треба да им даде доверба за преземање на функциите. Оставка си даде и шефот на УБК Сашо Мијалков, но засега не е предложена негова замена.
Сепак членот 97 од Уставот на Р.М вели “со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, со што предлогот на Чавков се доведува во прашање.
Оставките на досегашните блиски соработници на Никола Груевски и членови на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ вчера вечер го кренаа адреналинот во јавноста. Едни наздравуваа во полните кафеани во Дебар Маало додека други велеа дека оставките се безначајни без промена на власта, односно промена на мандаторот Никола Груевски.
Останувањето на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков во највисокиот орган на партијата не ветува амбиција за суштински промени. Но, и изборот на нивните заменици не е оптимистички.
Владо Мисајловски не е познато политичко име во јавноста, но е затоа е важен партиски играч.Во „кујната“ на неговиот брат се „готват“ едни од најскандалозните, клеветнички и дезинорматороски текстови кои имаат намера да дискредитираат и навредуваат се што се чини како непожелен елемент за партијата ВМРО ДПМНЕ. Имено, Ацо Мисајловски, братот на Владо Мисајловски, е сопственик на порталот „Курир“ којшто од неговото појавување не само што служи за партиските пресметки со неистомислениците со вулгарна и заканувачка реторика, туку и живее од владините реклами.
Мисајловски е роден 1985 година. Речиси целата кариера ја поминува во државни институции. Тој е државен секретар во Министерството за транспорт и врски, поранешен државен секретар во Министерствоти за надворешни работи, член на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, како и поранешен претседател на младинскиот општински огранок во местото Ѓорче Петров.
Митко Чавков, за разлика од Мисајловски, има долга кариера во полицијата. По заминувањето на Љупчо Тодоровски Чавков од мај 2013 е директор на Бирото за јавна безбедност, а претходно е шеф на Одделението за борба против организиран криминал при МВР и раководи со Централните полициски сили. Потекнува од Струмица. Чавков важи за човек од доверба на актуелното владејачко раководство.