На иницијатива на претставниците на меѓународната заедница утре ќе се сретнат лидерите на четирите најголеми партии Зоран Заев од СДСМ, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА.
Ова е уште еден обид за почеток на политички дијалог помеѓу четирите партии за да може да се тргне кон решавање на политичката криза.
Европски дипломат вели дека вчерашните најави за оставки се важни и тоа се “конкретни чекори кон политичка одговорност во сегашниот контекст”.
Портпарол на Европската комисија вели дека во Брисел постои надеж дека овие оставки ќе бидат придонес за враќање на довербата во државните институции. “Бараме од сите страни сериозно, конструктивни и без одлагање да влезат во политички дијалог за да се стави крај на политичката криза”, изјави портпаролот на ЕК.
Како што дознава НОВА, првичната идеја била Заев и Груевски да се сретнат во Брисел со посредство на европската парламентарна тројка составена од Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл. Но поради тоа што Заев не може да ја напушти земјата, предложено е средбата да се одржи во Скопје и тоа заедно со ДУИ и ДПА.
Имало и предлог оваа средба да ја закаже претседателот Иванов, но ДУИ не се согласил со тоа бидејќи оваа партија не го признава претседателот.