По три недели спиење под отворено небо и над еден месец бојкот на наставата, средношколците денеска ставаат крај на кампувањето пред МОН и се враќаат во училишните клупи. Заедно со своите родители и наставници денеска ги собраа ќебињата и шаторите и се повлекоја од Паркот на новинарите наспроти МОН.
Револтирани од игнорантскиот однос на ресорното министерство, но заплашени за нивната безбедност, тие велат дека иако се повлекуваат, нивната борба за подобро образование е ставена во мирување, но опстојува.
Поттик за тоа се собраните над 15 000 потписи во знак на поддршка од граѓаните, а што се однесува на собраните средства од донации тие велат дека ќе ги донираат за основното училиштето „Вук Караџиќ“ кое изгоре за време на полициската акција во Куманово минатиот викенд.
-Како што сите знаеме МОН со целиот свој игнорантен однос во последните шест недели дозволија да колабира образовниот систем.Тие како министерство и како луѓе и родители не дозволија решавање на овој проблем, туку дозволија пред нивните порти да се подигне камп, да спијат малолетни деца, да бидат изложени на не само небезбедното време туку и на небезбедната ситуација во која се наоѓа Македонија.
Соочени со ова, ние како Средношколци пленум, наидувајќи дека повеќе немаме простор за било каква комуникација и соработка со МОН донесовме одлука целата гарнитура на МОН на чело министерот Адеми ја прогласуваме за нелегитимна. Не можеме да бидеме дел од масата со луже кои во целост ја изгубија јавната поддршка и јавниот кредибилитет, изјави средношкоелцот Исмет Шабановиќ.
На надлежните им порачаа дека имаат рок до 1 септември да согледаат што се случило и да не дозволат со своите идни чекори повторно активирање на кампот.
Средношколците бараат во текот на наредните 4 години да се полага стариот концепт на државна матура, а за тоа време работните групи да го усовршуваат новиот модел кој би се применил за следните генерации. Владата го одби ваквиот предлог и одлучи само уште годинава матурантите да полагаат по стариот концепт матура.
Второто барање на средношколците е екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата, но Владата го одби и ова барање и децидно одговори дека преговорите престануваат.
Средношколците во кампот наспроти МОН опстоија три недели. Во текот на ноќта ги чуваа нивните родители, поделени во смени. Ресорното министерство неделава не одговори на нашите повици дали ќе се решат барањата на средношколците, додека учениците алармираа дека стравуваат за нивната безбедност од кампот.




