Во синџирите на снабдување на Босна и Херцеговина, Република Србија, Црна Гора и Македонија, ќе бидат загрозени најмалку 1.000.000 тони стока, што во пракса значи 1.000.000 проблеми за економијата – доцнења, раскинување на договори, казни, недостиг и прекини во производството, трговијата и снабдувањето на населението. Ова нема да влијае само на транспортниот сектор, туку на целата економија на секоја од споменатите земји.
Денес од 12 часот започна најавената блокада на камионџиите. Превозниците ги блокираат граничните премини и бараат решение за престојот во Шенген-зоната. На протестот се обединија возачите од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија, а блокирани се граничните терминали за товар. Кај нас се затворени граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево е затворен од српска страна.
Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од останатите три држави, најавија дека за почеток блокадата ќе трае седум дена. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во ЕУ во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија, „Макам-транс“ вели дека протестот почна во 12:00 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00:00 часот вечер.
Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина вели дека над 100 возачи биле депортирани од земјите на ЕУ, 47 од нив останале без работа. Оттаму велат дека се очекува 17 милиони жители да се соочат со прекин на синџирот на снабдување. Иако координаторите на терен ќе се обидат да не го нарушат патничкиот сообраќај, товарниот сообраќај ќе биде во целосен застој.
Колапс на стопанството
Муратовска вели дека протестот почна во сите четири држави.
– За ова се одлучивме со цел сите што се враќаат дома да може да влезат во земјава и да се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во Шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови – изјави Муратовска.
Таа објаснува дека не бараат некои повластени решенија, туку бараат да бидат изедначени со вработените во железничкиот сообраќај, авиосообраќајот и тие кои работат во бротската индустрија.
– Запирањето на домашниот транспорт ќе значи колапс за македонското стопанство кој својот пик ќе го достигне на 1 април кога македонските возачи веќе ќе немаат денови за возење и нема да можат да работат во Шенген-зоната. Ова практично ќе значи дека странци ќе мора да нè снабдуваат со увозна храна и репроматеријали, а цените за транспорт многу ќе се зголемат. Трговците тие цени ќе мора да ги вградат во крајната цена на производот на полиците. Ова иnдирекно значи зголемување на инфлацијата, а намалување на куповната моќ на граѓаните – вели Муратовска.
Таа објаснува дека веќе можат да се забележат празни полици по продавниците, бидејќи дел од производите не се транспортираат.
– Повеќе од две години алармираме дека ќе дојде до ова, пративме известување и до стопанските комори. Ветија дека ќе разговараат со надлежните тела на ЕУ, но повратен одговор за тоа што е направено не добивме – вели Муратовска.
Муратовска смета дека можно е да дојде до потполно запирање на синџирот за производство. Македонските возачи нема да носат репроматеријали за фабриките, а ќе нема кој да ги донесе ниту готовите производи.
– Во најмала рака ќе има забавување на производството и на транспортот бидејќи странски возачи ќе треба да доставуваат во земјите од Западен Балкан. Но тие не се научени да чекаат по граници. Транспортот автоматски ќе поскапи, но и ќе се избегнуваат тури од нивна страна поради чекањето на граничните премини – вели Муратовска.
Таа објаснува дека ние како држава сме зависни од камионскиот превоз, бидејќи скоро 96 отсто од производите и репроматеријалите се носат по копнен пат, а железничкиот и воздушниот сообраќај се користат многу малку.
Има ли решение?
Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Според Комората, блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници ќе бидат не само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку и сите деловни субјекти влучени во надворешно трговската соработка.
Засега, оценува Комората, никој не може да каже колкави ќе бидат загубите зашто тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство поради недостаток на суровина,…, но, сигурно е, дополнува, дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.
-Минатата недела, СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји, информира Комората.
Потсетува и дека ЕУ е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата.
-Затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки, наведува Стопанската комора.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, претходно изјави дека една година алармираат за проблемот со транспортерите и со електронската евиденција во ЕУ истакнувајќи дека се работи за огромен економски проблем, кој може целосно да ги колабира македонската и регионалната економија. Тој укажа дека економската активност ќе запре доколку домашните компании што се извозно ориентирани не може да извезуваат, како и дека стануваат неконкурентни на европскиот пазар доколку превозот поскапи за 3 до 5 проценти.
Блокади на цел Балкан
Како што најави Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина, превозниците од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Северна Македонија ги блокираат граничните терминали за товар. Иако координаторите на терен ќе се обидат да не го нарушат патничкиот сообраќај и вонредните ситуации, товарниот сообраќај ќе биде во целосен застој.
Конзорциумот бара итна институционална акција од Босна и Херцеговина кон Европската комисија и сите амбасади на земјите членки на ЕУ акредитирани во Босна и Херцеговина поради ограничувањето на времетраењето на престојот на професионалните возачи во земјите од Шенген-зоната. Конзорциумот истакнува дека не ги прифаќа термините „следење на ситуацијата“ или „сложеност на проблемот“, туку само јасен одговор.
„Го поставуваме прашањето – дали домашните превозници од Босна и Херцеговина имаат право да работат или не? Ако немаат, нека се каже јавно. Ако имаат, тогаш депортациите, забраните и административната самоволност мора веднаш да се запрат“, наведува Конзорциумот.
Понатаму истакнуваат дека професионалниот возач не е турист, туку носител на економскиот систем и основен столб на синџирите на снабдување. Тие додаваат дека професионалните возачи не се баратели на азил и не претставуваат ризик за миграција или безбедност.
– Во синџирите на снабдување на Босна и Херцеговина, Република Србија, Црна Гора и Македонија, ќе бидат загрозени најмалку 1.000.000 тони стока, што во пракса значи 1.000.000 проблеми за економијата – доцнења, раскинување на договори, казни, недостиг и прекини во производството, трговијата и снабдувањето на населението. Ова нема да влијае само на транспортниот сектор, туку на целата економија на секоја од споменатите земји – велат тие.
Тие додаваат и дека овој пат професионалните патни транспортери се целосно обединети за прв пат, решени да го бранат правото на работа и одржливоста на синџирите на снабдување.
Текстот е сопственост на Слопбоден печат.мк





