Володимир Зеленски рече дека очекува мир во војната со Русија да се постигне за помалку од една година и нагласи дека поразот на Украина би значел губење на независноста.
Според него, војната за Украина е егзистенцијална по природа, бидејќи станува збор за самото постоење на државата.
Ако ја изгубиме оваа војна, ќе ја изгубиме и независноста на нашата земја. Губењето на суверенитетот и евентуалното апсорбирање од страна на Русија би било катастрофа за Украинците, рече Зеленски во интервју за францускиот телевизиски канал Франс 2.
Сепак, тој вели дека е уверен дека ова нема да се случи.
Во исто време, тој рече дека се надева дека војната ќе заврши дипломатски.
Се надевам дека мирот ќе се постигне за помалку од една година, рече тој.
Украинскиот претседател рече дека постојано е под закана од Русија. Според него, имало неколку обиди за атентат, а живеењето во услови на опасност му станало навика, пренесува Франс 2.
Зеленски рече дека потврдените загуби на Украина во војната со Русија изнесуваат 55.000 мртви и дека има значителен број луѓе кои државата ги смета за исчезнати.
Во моментов во Абу Даби се одржуваат трилатерални разговори во кои учествуваат украинската, американската и руската страна. Разговорите започнаа вчера и продолжуваат денес.
Зеленски во вторник рече дека руските напади врз енергетиката укажуваат на неподготвеноста на Москва да преговара.




