Published: Sunday, March 15, 2026 11:15
Зоран Иванов
За гачкиве за „документот“ на ЦИА да сме го сменеле името за 100.000.000 грчки долари што преку колумни и Фејсбук коментари побудува интерес и предизвикува полемики, а со нив и куп шпекулации, во неколку факти:
Прво, документот не е ниту договор, ниту спогодба, туку само констатација дека ЦИА дошла до вербална информација дека некој грчки субјект на Глигоров му понудил сто милиони долари земјава да го смени уставното име и тоа меѓународното ФИРОМ да го замени со друго службено и меѓународно, е само „вербален“ исказ, а не документ, и е само рекла, казала, само бла, бала;
Второ, секако е точен исказот на Глигоров објавен и во негова книга дека некојси неименуван грчки субјект, нему директно или преку некој овдешен посредник му понудил 100 милиони долари Македонија да го смени името на што Глигоров рекол не;
Трето, околу целото македонско – грчко прашање, попрецизно околу спорот за името што го наметна Грција која во ООН неʼ смести безимени или уште полошо, со акриномот ФИРОМ, со „поранешна“, факт е дека не постои ниту еден службен, ниту еден архивски заверен документ од мноштвото варијации за тоа како да се прекрсти земјава, го нема тоа во ниту една архива, ниту во Скопје, ниту во Атина, ниту во ООН туку неформално се забележани само вербални искази, евентуално некакви пишани салфетки без никаква институционална и без никаква фактографска историска вредност.
Затоа, ова шпекулативниве шкрабања на актуелниве сведоци колумнисти и коментатоти по медиумите и по социјалниве мрежи, е само чешлање јазици, вербални гимнастики, продавања нови пуфки за старите национални рани, јуначења и мудрувања дека некој сакал, а некој не сакал да земе пари за промена на името е само ново пумпање лажен патриотизам, сеење магли и фрлање прв во јавноста на изборно измислената тема патриоти – предавници и кога нешто дома не оди, сето во служба на дневно политички партиски манипулации.
Оттука, приказната со вредност од 100.000.000 долари е само уште една овдешна девалвирана квази патриотска гачка со вредност од 1 долар.




