Велите – младите да стапувале во брак, да раѓале деца. А како да живеат и преживеат? Зарем мислите дека со мизерните плати во Македонија можат да купат стан, да плаќаат кирија и сметки, да се прехранат?
Ана Анастасовска
Премиерот ги искара младите што заминуваат во странство на гурбет, порачувајќи им дека сезонската работа не е доволна за да се изгради иднина. Зарем премиерот мисли дека некој од убавина тргнал да работи како келнер или собарка во хотел или од убавина заминал да работи во „Мекдоналдс“ или во некоја фабрика на лента?
Премиерот Христијан Мицкоски многу сака да личи на Џон Кенеди, славниот американски претседател што остана запаметен и по реченицата: „Не прашувајте што може вашата држава да направи за вас, туку прашајте што можете вие да направите за вашата држава“. Мицкоски завчера ги искара младите што заминуваат во странство на гурбет, порачувајќи им дека сезонската работа од неколку месеци во некоја туристичка дестинација не е доволна за да се изгради иднина. Па им упати остра порака на младите дека треба да придонесуваат во домашната економија, а не во туѓи економии, да придонесуваат во системот, а не само да го трошат и да критикуваат, па и да бараат бесплатно здравство.
Го слушам и се прашувам – во која држава живее премиерот? Откако пред две години седна во фотелјата на „Илинденска“ упорно глуми дека не е од тука. За кој систем ни зборува Мицкоски? Кој тоа го троши системот, господине премиере? Граѓаните имаат малку подолга меморија од вас. Ние сме барем „деца на транзицијата“. Од која никако да излеземе повеќе од 30 години.
Зарем премиерот мисли дека некој од убавина тргнал во Хрватска да работи како келнер или собарка во хотел, зарем некој од убавина заминал за Германија да работи во „Мекдоналдс“ или во некоја фабрика на лента?
Што, премиере, државата им нуди на младите за да останат тука да работат? Ајде да видиме низ минативе години кој тоа го трошеше системот, кој тоа ги урниса институциите? Криминалот, корупцијата, митото, партизацијата, приватните интереси… се единственото нешто што вие политичарите успеавте да го развиете. Ниту една институција не функционира како што треба. Велите – бараме бесплатно здравство. Да, плаќаме за него и го имаме, но само на хартија. Знаете ли, премиере, колку време се чека за да закажете преглед на специјалист? Нема термини. Нема термини за магнетна резонанца, нема термини за мамографија и за ехо на дојка, нема термини за операции… Знаете ли дека ако немате некој познат, не можете да дојдете до лекар и да се прегледате. Jавна тајна е дека се бараат „пари под рака“ за да ве оперираат „приватно“.
Кажете, премиере, кој успеал да се вработи во државна институција без партиска книшка? Јас не познавам таков, не знам, можеби во различни држави живееме. Корупцијата цвета во секој сегмент, во сите пори на општеството. Кој го овозможува тоа, премиере? Младите што бараат да заработат нешто за да преживеат?
А што правиме со загадениот воздух? Колку години се труби дека дишеме најзагаден воздух и дека луѓе умираат од аерозагадувањето. Што правиме со сиромаштијата, премиере? Ги прочитавте ли најновите податоци на Државниот завод за статистика? Секое петто лице живее во сиромаштија. Секое трето дете живее во домаќинство под прагот на сиромаштија. Што е со образованието што со години продуцира функционално неписмени ученици? Цените на основните прехранбени продукти секој ден растат, не знаеме како да преживееме. Со просечна плата од 700 евра и минимална плата од 400 евра зарем мислите дека може да се живее?
Велите – младите да стапувале во брак, да раѓале деца. А како да живеат и преживеат? Зарем мислите дека со мизерните плати во Македонија можат да купат стан, да плаќаат кирија и сметки, да се прехранат?
За кој систем зборувате премиере? За тој во кој жена жртва на домашно насилство со години беше оставена сама на себе и беше принудена да се самоубие и да го одземе животот на своето дете затоа што немало кој да ја заштити?
Ете затоа, меѓу другото, младите заминуваат да работат во странство. Да заработат некој денар повеќе за да можат да преживеат во оваа наша изнамачена, искрадена држава. Држава што повеќе од 30 години политичарите ја силуваат и ја трошат. Устите ви се полни со празни ветувања.
Парите што младите ги заработуваат во странство, сепак, тука ги трошат, во нашата економија, го полнат буџетот на државата. Истиот буџет од кој ги трошите вашите „дебели“ функционерски плати, за кои ветувавте дека ќе ги намалите, ама не ги намаливте и се повикавте на одлука на Уставниот суд дека не сте можеле, било незаконски. Законски ли е минималната плата да биде 400 евра, најниска во регионот?
Лесно е да се глуми Кенеди, тешко е да се исполнат ветувањата дадени во предизборна кампања. На народот на кој му се коленичеше! Само да се дограби до власта!
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




