Политичката криза во Македонија произлегува од повеќе причини: тоа што е попречена при евро-атлантските интеграции, необјаснивата недемократска синтеза на партијата и државата во однос на политичката динамика и систематски недостаток на политичка одговорност. Ова не е проблем кој може лесно да се реши преку медијација.
Ова е еден од заклучоците од политичкиот аналитичар Курт Басунер во анализата посветена на македонската политичка криза под наслов „Нема стабилност без одговорност – Одговорноста на Западот во Македонија“.
– Не постојат лесни, краткорочни решенија. Дури и ако граѓанските протести, не само опозициските не успеат, состојбата на статус кво е неодржлива. Навистина, постојат индикации дека Владата ќе направи се што е потребно, вклучувајќи и прикриени тензии за да остане на власт. Тоа би можело да има сериозни импликации и врз регионот, се вели во заклучокот на анализата.
Деценијата меѓу кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ (заедно со сега членката Хрватска) и денес, бележи регресија на регионалната и меѓународната позиција на земјата. Недостатокот од напредок кон членството во никој случај не е единствената причина за ова назадување, но тоа создаде идеален систем за нов популистички авторитаризам, смета авторот на анализата.
Тој дополнува дека под сегашните услови, ниту медијацијата не може да ги даде посакуваните резултати поради недостатокот на демократска одговорност, и динамиката на моќ. Вели, медијацијата дури би можела да има “изопачен ефект“ и да ги легитимизира политиките на сегашниот, како што го нарекува, режим, а во исто време да ја ослаби политиката на опозицијата и гласот на граѓанското општество.
Како можни решенија тој нуди неколку препораки до одредени важни фактори:
Кон САД И НАТО, посочува дека тие треба да и го гарантираат интегритетот на Македонија, дека за неа како држава не се преговара, и на секој обид за дестабилизација ќе биде одговорено соодветно. Тој смета дека ова треба јасно да биде кажано од највисоките тела на НАТО, и да покажат дека со Црна Гора и Косово заврши пост-Југословенската формација на Балканот.
САД и мнозинството земји-членки на НАТО треба да извршат притисок врз Грција да го прифати целиот пакет-аранжман предложен од поголемите земји-членки на ЕУ, како решение за прашањето со името, и со тоа да се отфрлат сите препреки за поканата Македонија да стане членка.
Во пораката за решение уште се вели дека е неопходна преодна влада, составена од еднаков број членови на поголемите партии, проверена од страна на почитувани личности, која ќе ги утврди обвинувањата кои произлегуваат од аудио-снимките на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ќе го испита случајот со крвавиот инцидент во Куманово со независно посредство на ЕУ, и ќе работи на разјаснување на проблемите со кои се соочуваат судството, слободата на медиумите и слично.
Авторот на анализата им порачува на Советот на Европа да воведат постојан претставник кој длабоко ќе биде ангажиран во Македонија и ќе ја надгледува посветеноста на земјата во својот пат кон ЕУ, а за тоа редовно ќе ја известува Унијата.
Додека од меѓународните финансиски институции, вели, потребно е да направат проценка на процесот за проектот „Скопје 2014“ и ревизија на парите дадени од владата за да се купи медиумскиот простор во државата.