Ајде да замислиме друга сцена. Ист Брисел. Ист ходник. Ист Тимчо. Само, наместо бугарската министерка, пред него стои Доналд Трамп. Му подава рака. Му вели нешто од типот „good job“ или „North Macedonia, beautiful country“, можеби и погрешно го изговара името, ама небитно. Разговорот трае една минута. Дури и помалку. Четириесет и седум секунди, да бидеме прецизни. Дали тогаш ќе слушневме дека тоа не било средба?
Мартин Богатиноски
Македонската дипломатија повторно успеа од една минута да направи цела епизода. Не сериозна дипломатска епизода, туку онаква наша, балканска, во која сите знаат што се случило, ама никој не сака да ја нарече со вистинското име. Се зборувало, ама не било разговор. Се сретнале, ама не било средба. Си размениле зборови, ама тоа не значело ништо. Па добро, тогаш што било? Генерална проба?
Министерот Тимчо Муцунски демантираше дека имал официјална билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Весислава Петрова Чамова во Брисел. Според него, станувало збор само за кратка размена на зборови на маргините на настанот. Една минута, отприлика.
Но, во животот има работи што не се мерат само со штоперица. Има работи што се случуваат, па макар траеле и една минута. Некогаш и помалку. Прашајте ги тие што цел живот им се извинуваат на сопругите поради нешто што траело „само минута“.
А за средба не е секогаш важно дали имало маса, знамиња, папки, записник и по две шишиња вода пред секој министер. Некогаш е важно што двајца официјални претставници се нашле лице в лице и размениле пораки. Ако македонски министер и бугарска министерка размениле зборови за чувствително прашање, тоа можеби не е официјална билатерална средба, но не е ни муабет на семафор. Не е „кај си бе, комшија“.
Да бидеме фер: Муцунски има право да прави разлика меѓу официјална средба и краток контакт. Во дипломатијата, сепак, формата е важна. Таму има протокол, агенда, најави, тимови, белешки, заклучоци. И ако бугарската страна тоа го спакувала како „средба“ за домашна или дипломатска употреба, македонската страна има право да каже: „почекајте, не беше баш така“. Но, одбраната со „една минута“ е смешна.
Ајде да замислиме друга сцена. Ист Брисел. Ист ходник. Ист Тимчо. Само, наместо бугарската министерка, пред него стои Доналд Трамп. Му подава рака. Му вели нешто од типот „good job“ или „North Macedonia, beautiful country“, можеби и погрешно го изговара името, ама небитно. Разговорот трае една минута. Дури и помалку. Четириесет и седум секунди, да бидеме прецизни.
Дали тогаш ќе слушневме дека тоа не било средба?
Дали ќе имаше соопштение: „Министерот немаше средба со претседателот Трамп, туку само краток контакт на маргините“?
Ајде, жити сè. Ќе имаше фотографија од три агли. Ќе имаше статус со „значајна размена на мислења“. Ќе имаше „потврда на стратешкото партнерство“. Ќе имаше „силна поддршка за европската перспектива“. Ќе имаше анализа на говорот на телото, кој прв подал рака, кој кого погледнал, дали Трамп се насмевнал со заби или без заби. Ако Трамп случајно го потапкал Муцунски по рамо, тоа ќе станеше геополитички настан. Ќе го толкувавме како нова фаза во односите меѓу Скопје и Вашингтон.
Значи, проблемот не е во минутата. Проблемот е во соговорникот.
Кога ни одговара, една минута е историска. Кога не ни одговара, една минута е техничка. Кога човекот од другата страна носи политички престиж, тогаш и намигнувањето станува дипломатски успех.
Со Бугарија секој контакт е како одење по стакло. Не смееш да молчиш, зашто ќе изгледа дека бегаш. Не смееш ни да разговараш, зашто ќе те обвинат дека нешто си договорил. Не смееш да се насмееш, зашто некој ќе рече дека си омекнал. Не смееш да се намуртиш, зашто ќе речат дека го кочиш европскиот пат.
Бугарската страна, нормално, си ја игра својата игра. Ако може еден краток контакт да го претстави како „средба“, зошто да не? И тие дома имаат публика. И тие имаат потреба да покажат дека Македонија разговара, дека процесот се движи, дека нивната рамка не е мртво слово на хартија. Тоа е нивна политика. Не мора да ни се допаѓа, ама не треба да се правиме дека сме изненадени. Софија никогаш не пропушта можност да ја запише Македонија во своја верзија и режија.
Но, нашата реакција треба да биде паметна, не комична.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




