И тука некако совршено се вклопува Боки 13. Не како личност, туку како симбол. Симбол на нашата колективна способност да се восхитуваме на амбалажа повеќе отколку на содржина. Балканот отсекогаш имал слабост кон луѓе што влегуваат гласно во просторија. Особено ако носат брендиран ремен и самодоверба на човек што никогаш не прочитал книга подолга од мени.
Бенита Белешкова
Постои еден редок минерал што се вика Македонит. Научно признат. Геолошко чудо. Откриен во Македонија. Минерал што буквално го носи името на државата. И нормално — никој не знае за него.
Што е и логично, ако размислите. Ова е земја во која човек може да напише ремек-дело, да спаси животи, да режира претстава што ќе ја расплаче половина публика, да компонира музика што ќе преживее генерации — и пак да остане помалку познат од некој што се снимал себеси како влегува во „Луј Витон“ со позајмени очила и драматична музика во позадина.
Во Македонија, талентот секогаш има еден мал организациски проблем: никој не знае што да прави со него.
Особено ако е тивок, достоинствен и вистински.
Неодамна почина Тихомир Јанчевски. И како што обично бидува кај нас, дел од луѓето дури тогаш сфатија колку значел. Балканот има посебен однос со талентот: прво го игнорира, потоа го исцрпува, а на крај му прави трогателен статус на Фејсбук со свеќа и зборовите „голем човек“. Ние сме веројатно единствениот регион каде што постхумно добиваш повеќе почит отколку додека си жив. Кај нас некролозите понекогаш функционираат како доцни извинувања.
И не зборувам само за писатели. Истото им се случува на актери, музичари, доктори, професори, научници, аналитичари. Луѓе што со години носат култура, знаење или достоинство, љубов кон сопствениот народ, како некој стар пијанист на Титаник кој свири додека бродот тоне, а околу него сите трчаат по селфи со некој локален инфлуенсер што три пати кажал „љубави “ во лајв.
Во меѓувреме, општеството создава чудна хиерархија на важност.
Еден хирург што спасил стотици животи , го гонат како најтежок криминалец, врвен писател тивко си пие кафе во Дебар Маало и никој не го препознава. Но човек што еднаш се испокарал со водителка во утринска емисија добива медиумски третман како да преговарал за мир на Блискиот Исток.
И тука некако совршено се вклопува Боки 13. Не како личност, туку како симбол. Симбол на нашата колективна способност да се восхитуваме на амбалажа повеќе отколку на содржина. Балканот отсекогаш имал слабост кон луѓе што влегуваат гласно во просторија. Особено ако носат брендиран ремен и самодоверба на човек што никогаш не прочитал книга подолга од мени.
Кај нас, ако си скромен и талентиран – луѓето те доживуваат како технички проблем.
„Добар е човекот … ама не се експонира“, ќе речат.
Тоа е страшна реченица. Во неа лежи целата наша културна трагедија. Не е важно што создаваш. Важно е дали знаеш да направиш врева околу себе. Ние сме општество што понекогаш повеќе го цени микрофонот отколку гласот.
И затоа Македонитот е совршен симбол за Македонија.
Редок. Вреден. Единствен. Научно признаен. И закопан под земја додека горе луѓето се караат околу политика, тендери, паркинг места и тоа кој кого „отследил“ на Инстаграм.
Интересно е што соединението PbTiO₃ (олово-титанат) од кое е составен Македонитот е важно и во материјалната наука бидејќи има фероелектрични својства — што значи дека научниците го проучуваат и од технолошки аспект, не само како минерал.
Тоа е минерал што веројатно би одел на психотерапија и би рекол:
„Имам чувство дека не сум доволно експлоатиран“.
А психотерапевтот би му рекол:
„Не сте вие проблемот. Само сте родени во култура што понекогаш не прави разлика меѓу редок кристал и циркон“.




