Комесарот Јоханес Хан нема дадено изјава во која вели дека актуелната Влада треба да ги спроведе предвремените избори најавени за април 2016 година но вели дека снимките се голем скандал што мора да се реши врз основа на европските стандарди.
На прашањето на НОВА стаса одговор од Европската комисија (ЕК) што го пренесуваме во целост:
“Не, комесарот не рече дека актуелната Влада треба да ги спроведе предвремените избори. Комесарот Хан повтори она што беше договорено на средбата во Скопје. А тоа е дека ќе има нови избори во април 2016 година, дека ќе има зајакнување на изборните правила и дека треба да се индентификуваат неправилностите од претходните избори, дека Европската комисија ќе ги олеснува реформите на законите итн и дека партиите покажаа подготвеност идната недела да ја одлучат организацијата на владата која треба да ги подготви изборите.
ЕК додава дека не е работа на Комисијата туку на политичките партии да одлучат за структурата на Владата која ќе ги подготвува изборите. Комесарот Хан побара од нив да излезат со заеднички предлог на средбата закажана за среда во Брисел”, велат во ЕК.
Во својата изјава за Македонија комесарот Хан додава дека скандалот со снимките што ги објавува опозицијата е голем и не смее да се игнорира:
«Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22.000 ленти, што е голем скандал и не може да се игнорира. Да не зборувам за содржината што е нешто друго. Ние сме на мислење дека треба да има двократна реакција на ова. Една е политичката и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии итн. Но тоа е истовремено криминален случај и тој треба да се реши врз основа на националните и европските стандарди. Затоа понудивме, и ова исто така беше прифатено од партнерите, меѓународни експерти за овој проблем», изјави Хан во Вашингтон.
Во одговор на едно прашањата поставени во Вашингтон комесарот Хан јасно кажува дека ЕК нема да ја повтори препораката за преговори за членство доколку оваа криза не биде расчистена.
Ве покануваме малку подоцна на НОВА да ја погледнете целосната изјава на комесарот Хан во Атлантскиот совет во Вашингтон, како и одговорите на прашањата на уесниците за Македонија.