Вашиот премолк на тој вид идентитетски и културолошки масакар, не попусто во последно време во многу средини се толкува како идеолошко совпаѓање со нивното саботирање на спецификите на нашиот код. Со тоа се проектира лажна слика и за вашите партиски политики, посебно за оние од регистерот што го сочинуваат фундаментот на нашиот национален профил, што несомнено е најсуптилниот и најтревожен сегмент во мигов, врзан за нашиот национален и државен опстој.
Бошко Нацевски
Ми се наметнува едно чудно прашање: дали вие почитувана господо од врвот на Бихаќка, ги читате освен вашите официјални соопштенија и коментарите на “позитивците” и реагирањата на нас илјадниците, простосмртниците.
Граѓанинот ви е темелникот и треба да е епицентарот на интересирањето за градење на вашиот партиски идеал.
Би требало да го перцепирате не како минорен мисловен супстрат, туку како ваш многуслоен вруток од кој може и треба да се црпат нови идеи и оценки за коректноста и перспективноста на одредени ставови и потези.
Не се сите, недугави, недоописменети, неосвестени, некадарни, а најмалку ваши душмани, како што не портретираат во своите “филозофски” манипулирања и наклапања некои, да се послужиме со мошне колоритниот јазичен израз, на тие класични провокатори, туѓински идеолошки креации, генерално. национани негатори.
Тие, до перфекција се извештени трујачи и сејачи на раздорот, посебно во овој временски исечок во кој до загрижувачки размери се подрива државниот стабилитет.
Тие чиници континуирано го загадуваат етно просторот со уфрлување на туѓински идеолошки пропагандни содржани, со сомнежи за автентичноста на нашето идентитетско миље, јазикот, историјата црквата и културата.
И обезвреднување на учинокот на конкретни личности кои низ времињата биле стожерникот на нашата опстојба и темелникот врз чие дело се вообличил образот на Македонецот како нацио, со сите жртвувања за неговата државна творба.
Вашиот премолк на тој вид идентитетски и културолошки масакар, не попусто во последно време во многу средини се толкува како идеолошко совпаѓање со нивното саботирање на спецификите на нашиот код.
Со тоа се проектира лажна слика и за вашите партиски политики, посебно за оние од регистерот што го сочинуваат фундаментот на нашиот национален профил, што несомнено е најсуптилниот и најтревожен сегмент во мигов, врзан за нашиот национален и државен опстој.
Потребен ви е исчекор за дистанцирање од оние што одработуваат за туѓински партиски и државни интереси и ја нагрдуваат големата слика за несомнените вредности на партијата.
До патолошки размери, со исклучително брутален засек ги громат најчувствителните сегменти на нашиот национален идентитетски знак.
Од Фејсбук ѕидот на авторот




