Во Македонија постојат цели политички и економски бизнис елити кои опстануваат без ЕУ стандардите и контролите. Во Бугарија постојат политички и бизнис сили кои имаа свои бизнис релации во Македонија и кои добиваат поддршка преку хранење со наратив за македонското прашање. Таквите го финансираат говорот на омраза кај двете страни. Ништо не е случајно, затоа што од постарите документи говор на омраза немало. Во Брисел постојат држави кои не се ентузијасти за ново проширување.Затоа застојот не е само резултат на конфликт. Тој е и резултат на фактот што некои влијателни актери не плаќаат висока цена за тој застој.
Странските академски кругови веќе почнаа да прават симулации со академска политичка анализа на Балканот, а нашите академци си молчат! Можеби целиот систем функционира токму така како што е дизајниран. Граѓаните треба да престанат да ја анализираат политиката како натпревар меѓу добри и лоши луѓе и да почнат да ја анализираат како судир на интереси, институции и односи на моќ.
Во разговор со една моја пријателка од Словенија (со македонски корени) која работи како асистент професор на еден колеџ во Германија, ми пренесе дека работеле на симулиран модел по политичка теорија со еден познат професор ( за кого не сака ниту таа да биде обелоденета, ниту неговиот идентитет) но ми дозволи да ја пренесам следната анализа според неговата методологија, откако нормално го снабдила со информации за состојбата во Македонија.И таа гласи:
Ако се обидеме да ја анализираме ситуацијата со методологијата што јас ја користам како професор, тогаш фокусот не би бил само на формалната дипломатија, туку на односите на моќ, институционалните структури, политичката економија и асиметријата меѓу актерите.
Јас не ги анализирам политичките процеси само преку официјалните изјави, туку секогаш поставувам едно суштинско прашање:
Кој има моќ да ги дефинира правилата на играта и кој ја плаќа цената од тие правила?
Ако таа призма се примени на Македонија во 2026 година, мојата анализа гласи:
Прво ниво: Формалната приказна
Во 2026 година Македонија се наоѓа во најделикатната фаза од евроинтегративниот процес од времето на спорот со Грција.Формалната приказна на ЕУ е дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски.Уставните измени се предуслов. По исполнувањето на истите ќе продолжи по европскиот пат.Ова е официјалната институционална рамка. Што всушност се случи во 2022 година? Најголемата заблуда во македонската јавност е дека Францускиот предлог бил само внесување на Бугарите во Уставот.Од документите што ги анализирав се гледа дека:Уставните измени се само првиот услов.Прашањата за борба против и казнување на говор на омраза, дискриминација, учебници, историски наративи и добрососедски односи се внесени во преговарачката рамка.
Европската комисија добила задача да следи исполнување.Советот на ЕУ добил механизам да го оценува напредокот.Токму затоа Бугарија денес инсистира дека: Ова со Македонија не е повеќе билатерално прашање, туку европска обврска.Правно гледано, Софија има силна аргументација бидејќи рамката е усвоена од сите држави членки.Тоа е причината зошто Антонио Кошта најверојатно нема да понуди нов модел.
Во конечната рамка навистина стои формулацијата: „македонски јазик“и тоа без фусноти и без додавки.
Тоа е факт.
Од друга страна, факт е и дека Бугарија добила: следење на Акциски план;механизми за контрола и политичко влијание врз процесот.
Па поради тоа јас како надворешен набљудувач прашувам: Кој ја создаде таа рамка и во чиј интерес функционира?
Второ ниво: Асиметрија на моќ
Од перспектива на политичката економија на меѓународните односи, Македонија и Бугарија не се рамноправни актери.
Прво затоа што Бугарија е поголема, побројна и економски посилна држава.Но поважно е тоа што: Бугарија е внатре во системот. А Македонија е надвор од системот.
Во секоја организација, членот има поголема преговарачка моќ од кандидатот.
Затоа, од аналитички аспект, Францускиот предлог не претставува компромис меѓу две еднакви страни.Тој претставува институционализација на однос на моќ.Тоа не значи дека е неправеден или праведен.
Тоа значи дека посилниот актер успеал своите интереси да ги претвори во европска политика.
Ова е класичен пример на она што јас често го анализирам во други области, како и кога националните интереси стануваат меѓународни правила.
Трето ниво: Зошто ЕУ не може да даде гаранции?
Ова е најинтересниот дел.Македонската влада бара гаранции.Но од перспектива на институционалната теорија, ЕУ не може да даде гаранции затоа што самата ЕУ не е суверена држава.
Таа е систем на држави.Затоа:Европската комисија не може да ја обврзе Бугарија. Ниту пак Европскиот совет не може да ѝ го одземе правото на вето на Бугарија.
Господинот Антонио Кошта не може да потпише документ што ќе ги обврзе идните бугарски влади. Ова пак создава структурен конфликт. Јасно е зошто Македонија бара сигурност. Но ЕУ нуди политичка доверба.Тоа не е исто.
Четврто ниво: Внатрешната политичка економија
Тука јас како надворшен набљудувач би поставил многу непријатно прашање: Кому му користи статус кво состојбата?
Во Македонија постојат цели политички и економски бизнис елити кои опстануваат без ЕУ стандардите и контролите. Во Бугарија постојат политички и бизнис сили кои имаа свои бизнис релации во Македонија и кои добиваат поддршка преку хранење со наратив за македонското прашање. Таквите го финансираат говорот на омраза кај двете страни. Ништо не е случајно, затоа што од постарите документи говор на омраза немало. Во Брисел постојат држави кои не се ентузијасти за ново проширување.Затоа застојот не е само резултат на конфликт. Тој е и резултат на фактот што некои влијателни актери не плаќаат висока цена за тој застој.
Ова според мене е многу важна анализа.Често се претпоставува дека сите сакаат решение.Во реалноста, мене од сите информации јавно објавени и од документите официјални ми личи дека не секогаш е така.
Петто ниво: Што всушност значи посетата на Кошта?
Од перспектива на класичната дипломатија:посетата треба да донесе порака за поддршка.
Но од перспектива на критичната политичка анализа:посетата има друга функција. Таа треба да ја одржи веродостојноста на европскиот проект во регионот.
Зошто?
Бидејќи ЕУ се соочува со проблем. Колку подолго Македонија чека, толку повеќе се намалува вербата дека членството е реална можност.Затоа Кошта не доаѓа само за Македонија.Тој доаѓа и за ЕУ. Да покаже дека процесот сѐ уште е жив.
Дали Македонската влада има реална шанса да добие гаранции?Тука доаѓам до суштината.Во Брисел не постои механизам што може да му гарантира на Скопје дека Бугарија никогаш повеќе нема да постави нов услов, дека нема да има ново вето, дека нема да има нови барања поврзани со историјата.
ЕУ функционира врз принципот на консензус.Секоја членка има право на блокада. Затоа барањето на македонската влада за „гаранции“ е политички разбирливо, но институционално речиси невозможно. Токму затоа Кошта веројатно пренесува порака: – Направете ги уставните измени, а ние политички ќе ви помогнеме понатаму.Но не и со правно обврзувачки гаранции.
Шесто ниво: Геополитичката слика до 2030 година
Тука би бил највнимателен.Мислам дека најголемата промена е што прашањето повеќе не е:-Дали Македонија ќе влезе во ЕУ?
Туку: Каква ЕУ ќе постои кога Македонија ќе биде подготвена да влезе? Во 2022 година ова прашање беше маргинално.Во 2026 година станува централно.
ЕУ веќе разговара за: концентрични кругови,повеќебрзинска Европа,постепена интеграција,секторско членство и пристап до заедничкиот пазар пред полноправно членство.Тоа покажува дека и самата Унија се менува.
Мојот заклучок како надворешен набљудувач и како аналитичар ако ова е моја академска теза, таа би звучела вака:
Македонската евроинтеграција повеќе не е спор околу уставните измени. Таа е пример за асиметричен однос на моќ во кој една држава кандидат бара предвидливост и правна сигурност, додека Европската Унија функционира преку политички компромиси што не можат да гарантираат конечност на барањата. Затоа кризата не е само дипломатска, туку структурна и институционална.
Од таа перспектива, најголемото прашање за Македонија во следните години нема да биде дали ќе ги внесе Бугарите во Уставот, туку дали ЕУ ќе успее да создаде нов модел на проширување кој ќе биде доволно кредибилен за кандидатите и доволно прифатлив за сопствените членки.
Што најверојатно ќе се случи до крајот на 2026?
Мојата проценка би била:
Сценарио 1 (60%) е дека: Нема да има уставни измени. Македонија останува формално кандидат. Ќе добива средства од Планот за раст. Ќе се интензивира економската интеграција. Но преговарачките поглавја нема да се отвораат. Ова во моментов изгледа како најверојатно сценарио.
Сценарио 2 (30%) е дека:ЕУ нуди нов модел на постепена интеграција.Ова е според идејата што ја споменува германскиот канцелар.Таа би значела:пристап до европски фондови;делумен пристап до единствениот пазар и учество во европски програми но без полноправно членство.Овој модел добива сѐ поголема поддршка во Брисел.
Сценарио 3 (10%) е дека: Ќе се постигне неочекувано голем компромис меѓу Скопје и Софија.Во моментов нема доволно индикации за тоа.Во Бугарија постои речиси целосен политички консензус околу рамката од 2022 година.Затоа не гледам простор за драматичен пресврт.
Дали Македонија ќе стане членка на ЕУ?
Тука мојата прогноза е многу поразлична од јавните дебати. Мислам дека клучниот проблем повеќе не е Бугарија. Клучниот проблем е што самата ЕУ не е подготвена за брзо проширување.
По војната во Украина,растот на десницата во Европа,миграциските проблеми,економските притисоци,Брисел се движи кон концепт на „Европа во повеќе брзини“.
Затоа верувам дека Македонија во следните 5–10 години многу поверојатно ќе стане: дел од европскиот економски простор, дел од заедничкиот пазар, делумно интегрирана во европските политики но во никој случај полноправна членка.
Поради тоа, најверојатниот исход во наредните години е долготрајно замрзнување на преговорите, паралелно со постепена економска интеграција во ЕУ, наместо брзо полноправно членство.
Уставот на една мала држава и европската асиметрија на моќ
Студенти на постдипломски студии преку програмата за Европски студии – „Еразмус Мундус“ на Универзиетот во Германија на Правниот факултет како една од темите на проучување им бил уставот на една мала држава кандидат за членка на ЕУ.
Професорите оформиле група од 8 студенти во која била и студентката моја соговорничка со потекло од Македонија, а учествувала како Германка. Групата добила за тема на истражување и расправа едно интересно за нас прашање: може ли еден народ слободно да го определува својот уставен идентитет ако измените на неговиот највисок правен акт се условени од барањата на соседна држава?
Поттикот за расправата бил покренат од неколку ментори професори по уставно право, каде бил изложен спорот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија околу уставните измени поврзани со европската интеграција. За професорите, прашањето не било кој е во право во историските дебати, туку дали принципот на суверенитет може да остане недопрен кога уставните промени стануваат предмет на меѓудржавни условувања.Во групата на студенти доминирале Французи и Германци и само еден студент од Британија,па затоа за задача добиле секој од нив поединечно да го брани ставот на уставните креатори и експерти од нивната земја.
Како што им потенцирал еден од присутните професори, вистината може да биде независна од нашите гледишта, но пристапот до неа секогаш е ограничен од перспективата. Токму затоа, расправата што ја имале требала да биде насочена не само за промена на еден член од Уставот, туку за границата помеѓу европскиот компромис и правото на една политичка заедница самата да одлучува за својата уставна судбина.
Бидејќи во принцип сум многу љубопитна, јас ја замолив девојката да ми преведе и прати на е-маил дел од нивната расправа и симулација која студентите и нивните ментори ја воделе. Подолу следува имагинарна академска симулација инспирирана од идеите на различни европски уставни школи.
„Симулација на меѓународен совет по уставно право“
1 студент Модератор зборува во името на Проф. д-р Olivier Beaud, Université Paris-Panthéon-Assas:
Почитувани колеги, се собравме овде за да ја браниме уставната стабилност на Република Северна Македонија. Република Бугарија како полноправна членка на ЕУ ја користи својата позиција на моќ и дава политичко вето во процесот на ЕУ интеграцијата кон Македонија, игнорирајќи ги деталите од постоечкиот Устав на Република Северна Македонија – особено Преамбулата, член 1, 2, 3, 7, 8 и 9 – и бара нови измени за да го „понижи“ македонскиот народ и за да го редефинира неговиот идентитет. Конкретното барање на Бугарија е да се додаде зборот „Бугари“ во Преамбулата, веднаш по „Турците“, така што ќе се чита „…со Албанците, Турците, Бугарите, Власите, Ромите и другите…“. Ова се смета за симболично, но длабоко вмешување во уставниот идентитет. Ве молам за дополнителни аргументи зошто оваа измена не треба да се прифати и ако има некој со контра аргумент нека се јави на крај.
Како експерти, аргументирајте зошто Уставот треба да остане неизменет во својата суштина.
2 студент зборува во името на Prof. Dr. Andreas Voßkuhle (поранешен претседател на Федералниот уставен суд на Германија):
Благодарам. Во германската уставна традиција, Grundgesetz (Основниот закон) од 1949 година има „вечна клаузула“ (член 79, став 3) која штити одредени темелни принципи од какво било менување. Ова е за да се спречи ерозија на идентитетот и суверенитетот.
Уставот на Република Северна Македонија, донесен на 17 ноември 1991 година врз основа на референдумската волја на граѓаните, јасно го дефинира државниот идентитет во Преамбулата: „Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство со другите националности“.Додавањето на „Бугари“ не е обична техничка корекција, туку тоа е обид да се промени конститутивниот наратив на државата.
Член 1 го прогласува суверенитетот за неделив и непренослив, а член 2 – дека суверенитетот произлегува од граѓаните.
Во германската доктрина Преамбулата не е само декоративна туку таа го изразува конститутивниот момент и историскиот легитимитет на државата. Менувањето на списокот на народи под притисок од соседна држава го нарушува принципот на народен суверенитет (член 2). Бугарија, со своето вето, всушност бара да стане ко-автор на македонскиот уставен идентитет. Тоа е неприфатливо. Германија никогаш не би дозволила Франција или Полска да диктираат измени во Grundgesetz-то за да се „дополни“ списокот на народи.
Бугарија со своето вето бара надворешно влијание врз овој идентитет.
Тоа е спротивно на принципот на constitutional identity – уставниот идентитет кој пак е заштитен и во европското право (член 4(2) од Договорот за ЕУ). Стабилноста на Уставот е предуслов за демократија и владеење на правото. Честите измени под притисок го претвораат Уставот во инструмент на геополитика, а не во темел на народниот суверенитет. Германија знае од своето искуство дека ако еднаш се отвори вратата за надворешни услови, тешко се затвора.
Уставот не е само правен акт, туку и историски документ на државноста. Јас забележувам дека креаторите на македонскиот устав го вградиле во него и историскиот контекст. Точно е дека амандманот не го менува карактерот на државата во формално-правна смисла. Но не е точно дека затоа неговото значење е само симболично. Во уставното право симболите често имаат огромна политичка сила.
А во македонскиот случај историскиот контекст е исклучително чувствителен.
3 студент зборува во името на Prof. Dr. Hans-Jürgen Papier (поранешен претседател на германскиот Уставен суд):
Се согласувам целосно. Основните права и темелните вредности (член 8 од македонскиот Устав) – слобода, еднаквост (член 9), неделива територија (член 3) – се заштитени со високи прагови за измена (член 129 и 130). Ова не е случајно и тоа е заштита од популизам и надворешен притисок.
Бугарија игнорира дека Уставот веќе обезбедува рамноправност и можност за употреба на јазици на националностите (член 7). Барањето за нови етнички внесувања во Преамбулата претставува обид за редефинирање на државата однадвор. Во германското право, такви измени би биле невозможни ако ги допираат „непроменливите принципи“. Владеењето на правото (член 8) бара Уставот да биде над политиката, а не под неа. Надворешното вето кое условува идентитет е форма на принуда која го нарушува принципот на еднаквост на државите и самоопределување.
Токму тука е проблемот. Според пописот, припадниците на бугарската националност во Северна Македонија се многу мал број (околу 0,2%). Преамбулата веќе содржи отворена клаузула „и другите националности“. Нема уставна потреба за нивно експлицитно именување. Барањето за посебно спомнување е политичко, а не демографско или правно.
Ова создава опасен преседан: денес Бугарите, утре некоја друга држава ќе бара исто бидејќи на таа територија живеат и Грци, се доселуваат и Украинци, Руси,Непалци или некои други. Уставот ќе се претвори во список на геополитички победи и порази, наместо во траен социјален договор. Во германското право, такви измени би биле оценети како непропорционални и штетни за Staatsvolk концептот – народот како носител на државата.
4 студент зборува во името на Prof. Dr. Jochen von Bernstorff (University of Tübingen):
Додавам дека не треба да се занемари и меѓународноправниот аспект на овој проблем. Самоопределувањето на народите (ICCPR, чл. 1) вклучува право на сопствена уставна самодефиниција. Бугарија, со своето вето, го користи процесот на ЕУ за да изврши coercive constitutional engineering – принудно уставно инженерство.
Малата бројка на самоидентификувани Бугари покажува дека ова не е прашање на заштита на малцински права (кои се веќе гарантирани преку член 48 и Охридскиот договор), туку прашање на историски наратив. Прифаќањето на ова барање би значело индиректно прифаќање на бугарската позиција дека македонскиот идентитет е „вештачки“ или „е присилно сменет дел од бугарскиот“. Тоа е несоодветно за европски процес на интеграција.
Уставната теорија нè учи дека ригидноста на Уставот во млади држави е клучна за внатрешна кохезија.
Менувањето под притисок го ослабнува легитимитетот на институциите и го поткопува граѓанскиот карактер на државата.
5 студент зборува во името на Prof. Dr. Olivier Beaud (модератор, Франција):
Француската традиција, преку концептот на pouvoir constituant (уставна моќ), ја нагласува врховноста на народот. Уставот на Република Северна Македонија е дело на нејзиниот народ. Надворешните барања за измени го пренесуваат pouvoir constituant од Скопје во Софија или Брисел – што е неприфатливо.
Францускиот Conseil constitutionnel постојано штити од нарушување на републиканскиот идентитет. Исто така треба да се постапи и тука со Преамбулата и основните одредби кои се „вечното јадро“ на македонскиот уставен поредок.
Француската доктрина ја разликува нацијата (народот како политичка заедница) од етничките групи. Преамбулата на Уставот на Македонија веќе совршено го балансира македонскиот национален карактер на државата со граѓанската рамноправност. Додавањето на „Бугари“ го нарушува тој баланс и го претвора Уставот во инструмент на билатерални историски спорови.
6 студент зборува во името на Prof. Dr. Pierre Brunet (Université Paris 1 Panthéon-Sorbonne):
Од француска перспектива, Преамбулата е израз на pouvoir constituant – уставната моќ на народот. Надворешната држава (Бугарија) не може да биде дел од тој момент. Барањето да се вметне „Бугари“ по „Турците“ не е невино: тоа имплицира дека бугарскиот елемент е историски конститутивен за македонската држава на ист начин како албанскиот или турскиот. Тоа е директен удар врз dignité constitutionnelle на македонскиот народ.
Француската традиција строго ги штити републиканскиот идентитет и историскиот наратив од надворешни ревизии. Conseil constitutionnel би го отфрлил таков притисок како напад врз единството и континуитетот на државата.
Теоријата на државата нè учи дека државата не е само административна единица, туку и заедница со сопствена историја и идентитет.
Барањето да се „дополни“ Преамбулата за да се задоволи соседот е обид за историски ревизионизам преку право. Тоа го нарушува принципот на dignité de l’État (достоинството на државата).
Уставот на Македонија веќе балансира граѓански и национален елемент – тоа е доволно.
7 студент зборува во името на Prof. Dr. Dominique Rousseau (Франција):
Нашиот Conseil constitutionnel – Уставен совет би го отфрлил таков надворешен притисок како непропорционален. Стабилноста на Уставот е подобра гаранција за ЕУ вредностите (демократија, владеење на правото) отколку неговото постојано ревидирање. Уставниот суд (или Conseil constitutionnel во аналогија) би требало да ја штити непроменливата јадро на Уставот. Иако македонскиот Устав нема експлицитна „вечна клаузула“ како германскиот, високите прагови за измена (двотретинско + Бадинтерово мнозинство) укажуваат на намерата да се заштити идентитетот. Надворешниот притисок го прави процесот нелегитимен.
Имплементацијата, а не измената, е вистинскиот пат.
Заклучок на уставни модератори од Франција и Германија:
Колеги, советот на уставни модератори заседаваше и донесе со консензусот заклучок кој е јасен:
Неменувањето на Уставот на Република Северна Македонија е одбрана на суверенитетот, уставниот идентитет и владеењето на правото. Бугарското вето претставува политичка злоупотреба која игнорира дека Уставот веќе обезбедува рамноправност.
Јасен е консензусот дека барањето за додавање „Бугари“ во Преамбулата треба да се отфрли. Ова не е прашање на малцински права бидејќи се уверивме дека тие се веќе заштитени. Ова е прашање на суверенитет и уставен идентитет. Уставот на Република Северна Македонија веќе ја признава рамноправноста на сите националности преку отворената формулација „и другите“.
Прифаќањето на ова барање под вето би создало преседан дека идентитетот на една европска држава се преговара со соседот, а не се одлучува од нејзиниот народ. Европа треба да ја брани внатрешната стабилност на уставите на кандидатките, а не да ги жртвува за билатерални компромиси, односно да ги прави заложници на билатерални историски спорови.
Уставот од 1991 година е доволен и достоен – нека остане таков.
Благодарам на сите учесници. Оваа позиција е темелена на фундаменталните принципи на европското уставно право.“
8 студент зборува во името на британски уставен теоретичар Проф. Martin Loughlin:
Почитувани колеги,
„Со голем респект кон германската и француската уставна традиција, сметам дека вашата анализа премногу брзо го претвора политичкиот спор во прашање на уставна трагедија.
Јас би започнал со едно поинакво прашање:
Дали навистина се менува уставниот идентитет на Република Северна Македонија со додавање на зборот „Бугари“ во Преамбулата?
Мојот одговор е: Веројатно не.
Ако внимателно го анализираме предложениот амандман, ќе видиме што тој не прави.
Првин ќе напоменам дека тој не го менува името на државата, исто така тој не го менува ниту македонскиот јазик.
Во Уставот не се менува фактот дека македонскиот народ останува носител на историскиот државотворен континуитет.
Со предложената промена не се воведува нова федерална структура.
Тој не воведува нови колективни права.
Тогаш се поставува прашањето: што точно се менува?
Од правен аспект, многу малку. Но од симболичен аспект, многу повеќе.Но симболиката сама по себе не е доволен доказ дека е нарушен уставниот идентитет.
Моите германски колеги постојано се повикуваат на член 79 став 3 од германскиот Основен закон.
Но уставот на Македонија нема германски Основен закон, ниту пак има вечна клаузула.
Македонскиот Устав никогаш не воспоставил зона која е апсолутно недопирлива.
Напротив, државата веќе неколку пати извршила длабоки уставни промени.
Ако Охридскиот рамковен договор можеше значително да ја преобликува Преамбулата, а Преспанскиот договор можеше да го промени уставното име на државата, тогаш е тешко да се тврди дека додавањето на уште една заедница претставува уникатен удар врз идентитетот.
Француските колеги тврдат дека се нарушува pouvoir constituant – уставната моќ на народот.
Но тука мора да бидеме внимателни.Уставната моќ не исчезнува затоа што постои надворешен поттик.
Никој не може да го измени Уставот на Северна Македонија без двотретинско мнозинство во Собранието.
Ниту Софија.Ниту Брисел.Ниту Берлин.
Конечната одлука останува во Скопје.
Затоа е погрешно да се зборува како Бугарија инсистира од позиција на моќ да го пишува македонскиот Устав.
Бугарија поставува политички услов.
Македонските институции одлучуваат дали ќе го прифатат.Тоа е разлика која е суштинска во уставното право.
Кога станува збор за прашањето на суверенитетот тука се согласувам со моите колеги дека постои асиметрија на моќ.
Но асиметријата не е исто што и укинување на суверенитетот.Секоја држава што сака да влезе во меѓународна организација прифаќа услови.
Кога државите пристапуваат кон Европската Унија, тие прифаќаат илјадници страници законодавство.
Истото се случува и кога државите пристапуваат кон НАТО, тие преземаат сериозни безбедносни обврски.
Кога државите потпишуваат меѓународни договори, тие доброволно ја ограничуваат својата слобода на дејствување.Тоа не значи дека престануваат да бидат суверени.
Суверенитетот во современиот свет не значи отсуство на ограничувања.
Тој значи способност сам да одлучиш кои ограничувања ќе ги прифатиш.
Колегите колку што разбрав постојано претпоставуваат дека внесувањето на Бугарите во Преамбулата автоматски го потврдува бугарскиот историски наратив.
Но тоа не следува нужно.
Во правото не треба да мешаме симболично признавање на една заедница со прифаќање од страна на Македонија на сите историски толкувања што ги застапува соседната држава.
Не секоја промена на Преамбулата е промена на уставниот идентитет.
Можно е истовремено да се каже:дека постојат граѓани кои се идентификуваат како Бугари,дека тие заслужуваат експлицитно спомнување во Преамбулата и дека македонската нација, јазик и идентитет остануваат посебни и самостојни.Овие три ставови не се меѓусебно противречни.
Моите германски и француски колеги ја претставуваат измената како прашање на опстанок на уставниот идентитет.Јас не сум убеден.
Прашањето што го поставуваат е важно.Но доказите што ги нудат не покажуваат дека идентитетот навистина се менува.
Тие покажуваат дека измената е политички контроверзна.
Тоа не е исто.
Од перспектива на уставната теорија, можно е разумен човек истовремено да верува во македонскиот суверенитет и да смета дека внесувањето на Бугарите во Преамбулата не претставува суштинска промена на македонскиот уставен поредок.
Затоа не би заклучил дека измената мора да биде отфрлена. Не е најважно дали измената е голема или мала. Најважно е дали произлегува од автентична внатрешна уставотворна волја на граѓаните или од надворешен политички притисок.
Би заклучил дека тоа е политички избор кој македонскиот народ и неговите институции треба сами да го направат, заклучува студентот 8.“





