Мицкоски не го брани идентитетот, туку ја подготвува земјата за долга самоизолација. Немањето решение го продава како доказ за принципиелност.
Говорот на Христијан Мицкоски за спорот со Бугарија, одржан на партиската прослава на ВМРО-ДПМНЕ, е – да се изразам претпазливо и благо – пример за високо концентрирана политичка манипулација. Во неговиот говор има сè што му е потребно на еден популистички наратив: непријател, предавници, понижување, народна казна, историска неправда, црвени линии и ветување дека лидерот ќе издржи таму каде што другите „клекнале“. Без оглед на тоа колку Мицкоски сака да изгледа како државник, тој само уште еднаш открива дека не прави ништо освен политички операции за префрлање на одговорноста.
Основната манипулација е во тоа што Мицкоски го претставува европскиот услов како пазарење со македонскиот идентитет. Тоа може да е моќна алатка за предизвикување емоции, но е логички неточно. Никој во Брисел не бара Македонците да престанат да бидат Македонци. Никој не бара укинување на македонскиот јазик, култура, традиција или историска посебност. Прашањето што стои на маса е уставно вклучување на Бугарите, заедно со други заедници, во рамките на постојниот уставен модел на државата. Во крајна линија, еве, и да прифатиме дека тоа е неправедно, непријатно, наметнато или политички проблематично. Но не е исто што и откажување од идентитетот. Нема ништо такво. Не постои таква закана. Точка.
Скриншот од партиската веб страница, 17 јуни 2026
Мицкоски изведува еден едноставен трик. Кога една конкретна обврска се претвора во егзистенцијална битка за опстанок на нацијата, рационалната дебата станува невозможна. Тој го знае тоа и вешто го користи.
Наместо прашањето да биде како да се заштити македонската позиција и истовремено да се продолжи европскиот процес, Мицкоски го поставува прашањето како судбоносен избор – или идентитет, или Европа. Тоа е лажна дилема. Северна Македонија не треба да избира меѓу македонскиот идентитет и Европската Унија. Напротив, вистинската државничка задача е да се обезбеди европска иднина – не изолација – со јасно согледување дека не станува збор за идентитетски уцени. Впрочем, Европа се темели на принципите на максимално уважување на различностите, тоа е барем одамна апсолвирана лекција.
Втората манипулација е во обвинувањето дека претходната влада „потпишала бел лист хартија“. Тоа е реторичка слика (за некого можеби и добра), но сигурно не е аргумент. Мицкоски не анализира што точно е преземено како обврска, кои се правните последици, кои се можните механизми за заштита и како државата може да ја подобри својата позиција. Наместо тоа, тој нуди морална пресуда: тие клекнале, извршиле предавство, а народот ги казнил. Но така се избегнува главното прашање: што прави сегашната влада, со речиси апсолутна власт во рацете, за да ја помести земјата напред?
Третата манипулација е, се чини, најдрска. Мицкоски вели дека, да не бил „тој проблем“, со реформите на оваа влада земјата веќе ќе „чукала и тропала“ на портите на Европа. Тоа е политички пригодна, но крајно сомнителна конструкција. Европската интеграција не се спроведува со самопофалби од партиски роденден што повеќе личи на предизборен митинг, туку со прецизни институционални резултати: владеење на правото, независни институции, борба против корупцијата, функционален парламент, јавна администрација, медиумски слободи, човекови права и политички консензус. Сето тоа е јасно утврдено во јавните документи за основите на евроинтеграциските процеси.
Ако власта сака да докаже дека реформски напредува, тоа не се прави со аплаузи и лајтшоу во Струмица, туку со мерливи критериуми.
Делот од говорот на Мицкоски што се однесува на идентитетот има уште една функција: однапред да го објасни, односно да го оправда неуспехот. Кога Мицкоски вели „подгответе се за маратон“, тој всушност ја подготвува јавноста за долга блокада и неизвесност, за економска стагнација, осиромашување и криза. Се разбира, никој не смее да каже дека „маратонот“ е последица од неговата деструктивна политика. Тој го претставува како благородна борба против предавството на претходниците. И сите молчат. Така самоизолацијата станува израз на патриотизам, блокадата станува храброст, а немањето решение станува доказ за принципиелност.
Посебно проблематично е мешањето на две различни прашања: европската обврска на Северна Македонија и човековите права на Македонците во Бугарија. Прашањето за правото на здружување на Македонците во Бугарија е реално, важно и легитимно. Тоа треба да биде предмет на сериозна, правно аргументирана и меѓународно организирана дипломатска акција. Но Мицкоски го користи тоа прашање како симетричен противуслов: ако од нас барате ова, ние бараме она. На тој начин човековите права се претвораат во монета за политичко пазарење, а не во принцип што треба да важи секогаш и за сите.
Основната манипулација е во тоа што Мицкоски го претставува европскиот услов како пазарење со македонскиот идентитет. Тоа може да е моќна алатка за предизвикување емоции, но е логички неточно. Никој во Брисел не бара Македонците да престанат да бидат Македонци. Никој не бара укинување на македонскиот јазик, култура, традиција или историска посебност.
Ако навистина се бранат човековите права, тоа не се прави од партиска бина и со митингашки противуслови. Се прави преку Советот на Европа, Обединетите нации, Европскиот суд за човекови права, дипломатски офанзиви, сојузништва со демократски сили, документирани случаи, правна поддршка и јасна стратегија. Ако тоа прашање се користи само за да се блокира уставната обврска дома, тогаш тоа не е заштита на Македонците во Бугарија, туку инструментализација на нивната положба за внатрешнополитички цели. Сакате малку појасно? Мицкоски не ги брани Македонците во Бугарија, туку ја злоупотребува нивната положба за да ја сочува својата фотелја дома. Постојат и бугарски и македонски интелектуалци, бранители на човековите права и организации што навистина се занимаваат со ова прашање. Мицкоски, за жал, само ја претвора нивната борба во материјал за сопствената политичка калкулација.
Најголемата слабост на говорот е што Мицкоски сака истовремено да звучи проевропски и антиевропски. (Odakle nam je to poznato?) Од една страна вели дека „местото на Македонија“ е на масата во Брисел како полноправна членка. Од друга страна, истиот процес го претставува како понижување, диктат, предавство и капитулација. Тоа (нежно) се нарекува двоен говор. Во Брисел се служи со реформска реторика, а дома спроведува националистичка мобилизација против условите на истиот тој процес. И тоа е стратегија? Да ми прости премиерот, но тоа повеќе личи на цинична двојна игра (да не речам шизофренија), отколку на државничка политика. Целта е јасна, да се одржи колку-толку европскиот имиџ пред меѓународните партнери, а да се храни антиевропскиот сентимент кај домашната публика.
Фразата „нема пазарење со идентитетот“ звучи силно, но таа прикрива една непријатна вистина. Токму Мицкоски го изложува идентитетот на тезга. Да, да, Мицкоски се пазареше со македонскиот идентитет за да дојде на власт, а сега се пазари за да остане на власт колку што може подолго.
Да се разбереме, македонскиот идентитет не зависи од тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе добие аплауз на роденденска прослава. Тој не зависи ниту од Бугарија, ниту од Брисел, ниту од партиски митинзи. Но кога секоја европска обврска се прогласува за напад врз идентитетот, тогаш идентитетот се претвора во инструмент за политичка контрола и постојано производство на страв. И повторно сето тоа нема врска со идентитетот.
И во овој, како и во сите претходни говори по ова прашање, едноставно, нема план. Има само калкулирано предизвикување емоции, страв. Наместо патоказ, има обвиненија. Овие две години видовме дека владата нема дипломатска архитектура. Но затоа знае да направи партиски спектакл. Има пари, зошто да не? За спектакл, очигледно, секогаш се наоѓаат пари, време и енергија. За дипломатска стратегија, очигледно, многу помалку.
И најважно, нема одговор на прашањето како Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ. Има само порака дека ќе биде долго, тешко и дека вината е кај другите.
Истиот ден, додека владејачката партија помпезно славеше скап роденден, Европскиот парламент со големо мнозинство го изгласа извештајот на Томас Вајц, а го отфрли неговиот амандман со кој се бараше од текстот на резолуцијата да се избрише ставот што се повикува на вториот протокол од Договорот со Бугарија. Ситуацијата е јасна. Но власта нема одговор на ситуацијата.
Тоа е суштината на манипулацијата: Мицкоски не ја објаснува реалноста, бидејќи нема контакт со неа. Тој ја преуредува реалноста така што неговата блокада изгледа како отпор, неговата неспособност како принцип, а блокадата како национална должност.
Фразата „нема пазарење со идентитетот“ звучи силно, но таа прикрива една непријатна вистина. Токму Мицкоски го изложува идентитетот на тезга. Да, да, Мицкоски се пазареше со македонскиот идентитет за да дојде на власт, а сега се пазари за да остане на власт колку што може подолго.
Северна Македонија има право да бара европскиот процес да биде фер и предвидлив, заснован на критериуми и принципи. Но тоа не му дава право на Мицкоски да тврди дека македонскиот идентитет е ставен на маса. Не е. Но полесно му е конкретна обврска да ја претвори во драматична приказна за национален опстанок.
Уште едно прашање, онака, за крај: колку луѓе во оваа земја, додека ги хранат со говори за идентитетот како последна „одбрана“, својата лична иднина ја бараат преку бугарски пасош или преку заминување од земјата? И колку долго ќе се продава идентитетот како единствена храна на трпезата, додека реалниот живот станува сè понеподнослив? Според Мицкоски – долго. Многу долго.
Како и да е, да заклучам – прашањето не е дали има пазарење со македонскиот идентитет. Нема. Прашањето е дали власта го користи македонскиот идентитет како алиби за да не ја исполни својата европска обврска. Одговорот е јасен. Мицкоски ја подготвува земјата не за европски пробив, туку за контролирана изолација, претставена како патриотски маратон.
Уште едно прашање, онака, за крај: колку луѓе во оваа земја, додека ги хранат со говори за идентитетот како последна „одбрана“, својата лична иднина ја бараат преку бугарски пасош или преку заминување од земјата? И колку долго ќе се продава идентитетот како единствена храна на трпезата, додека реалниот живот станува сè понеподнослив? Според Мицкоски – долго. Многу долго.
ПС. Со години избегнувам да пишувам на оваа тема, бидејќи јавно ми беше забранувано да се занимавам со тоа прашање – не сум бил Македонец, нели? Но кога некој вака грубо и цинично се поигрува со идентитетот на Македонците, само за да ги стави под ѓонот на своите скапи чевли сите – и Македонците и сите граѓанки и граѓани на оваа земја – не можам, а да не проговорам. Не за да зборувам во име на други, туку затоа што не сакам да бидам дел од молкот.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





