Во издание на „Студентски сервис“ од Скопје деновиве од печат излезе првиот том од десеттотомната автобиографска едиција „Белешки и анализи“ на проф. д-р Трајан Гоцевски – универзитетски професор, долгогодишен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста, автор и коавтор на стотина дела од областа на одбраната и безбедноста, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и еден од креаторите на македонскиот самостоен одбранбен систем под чие непосредно раководство беше формирана неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија и член на Советот за безбедност на Република Македонија во три мандата.
За љубопитните читатели тежината на оваа едиција произлегува и од самата „тежина“ која ја има личноста на авторот, проф. д-р Трајан Гоцевски, кој првиот том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“ го посветува на својотг личен јубилеј 75-години живот и 50 години творење.
На 332 страници Б5 формат, авторот детално ги опишува своите детски години во пограничното планинско село на македонско-бугарската граница Селник, делчевско; училишните години во селата Селник и во Драмче; гимназиските денови во Делчево; студентските денови и факултетското образование на Економскиот факултет во Скопје; враќањето во Делчево и вработувањето во фабриката „Фротирка“ во Делчево; изборот за претседател на Извршниот совет на Општина Делчево; враќањето во Скопје и изборот за самостоен советник во Владата на СРМ за подготовките на македонкото стопанство за одбрана, планирање и финансирање и државните резерви, вработувањето во Републичкиот совет за народна одбрана; изборот за претседател на Републичкиот одбор за сообраќај и врски, постдипломските и докторските студии на Економскиот факултет, изборот за професор на Филозофскиот факултет во Скопје на наставно-научната група по одбрана и изборот за декан на Филозофскиот факултет во Скопје. И сето тоа збогатено со повеќе од стотина фотографии.
Тие работни позиции придонесоа авторот да биде дел од многу процеси кои се случуваа во државата, а кои би биле корисно четиво за нашата и за генерациите кои доаѓаат по нас за да сфатат дека на Македонија никој и никогаш ништо не ѝ подарил, туку таа самата, со огромни напори и одрекувања и со огромни жртви го стекнувала она што денес го имаме. Наскоро од печат излегуваат и следните два тома „Југославија на крстопат“ и „Македонија оди кон независност“.




