Во Брисел започнува уште една рунда преговори за излез од македонската криза. Синоќа во Брисел допатуваа делегациите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и на ДУИ а, според некои извори, очигледно во Брисел ќе пристигне и лидерот на ДПА.
На средбата со комесарот за проширување Јоханес Хан дојдоа лидерот на СДСМ, Зоран Заев со вице-претседателката Радмила Шекеринска и Рената Дескоска-Тренеска, и премиерот Никола Груевски со шефот на неговиот кабинет Мартин Протогер и министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров.
Во Брисел се и амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Аиво Орав и Џес Бејли, кои ја продолжуваат својата мисија на набљудувачи. Според непотврдени информации на средбата можеби ќе учествува и европскиот пратеник Иво Вајгл кој беше член на олеснувачката мисија на тројцата европски пратеници. Другите двајца, Ричард Ховит и Едвард Кукан нема да присуствуваат на средбата. Според изјавата на Кукан во дебата на регионалната Н1 ТВ, не е исклучено пратениците да ја продолжат, подоцна во процесот, својата мисија на олеснувачи.
Во зависност од одвивањето на преговорите и нивниот успех или неуспех, не е исклучено именување на специјален претставник на ЕУ за македонската криза. Дипломатите кои ја следат нашата криза тврдат дека е прерано да се зборува за оваа опција.
Да потсетиме дека на 2 јуни во Скопје четворицата лидери – Груевски, Заев, Ахмети и Тачи – на средбата со Хан потпишаа договор за предвремени парламентарни избори до април 2016 година, а во транзицискиот период решавање на проблемите со изборното законодавство и со реформи што произлегуваат од поглавјата 23 и 24 на рамката за преговори за членство во кои ќе се разговара за владеење на правото, независноста на судство, слободата на медиумите и човековите права.
Според провладините медиуми, кои на овој бриселски настан не му дадоа голем простор, цел на средбата е да се потпише договор за излез од кризата. Но, според Заев, договорот за предвремени парламентарни избори до април 2016 година може да се оствари само доколку денес во Брисел биде најден договор за преодна влада и во со таа влада ќе раководи. Според СДСМ, не доаѓа во превид таа транзициска влада да ја води Груевски.
Според неофицијалниот распоред на денешниот ден, средбата започнува во 11 часот но никој не може да каже колку таа ќе трае. Нејзината тема е идната преодна влада и кој ќе ја води, две тешки прашања. За нивно усогласување и некаков компромис најверојатно се потребни долги преговори.
Комесарот Хан и неговата екипа сакаат, доколку е можно, веќе денес да дојдат до договор. Но, со оглед на позициите на двете страни и последната вашингтонска изјава на Хан, дипломатите очекуваат долги преговори кои можеби ќе продолжат и утре.
Според изворите на НОВА, првата работа за комесарот Хан на овие преговори е тој да ја врати довербата на опозициската партија која неговата изјава во Вашингтон за изборите во Македонија ја прогласи за «пристрасна и несоодветна во подготвителен период пред одлучувачката средба во Брисел» како што изјави Заев.
Директните западни учесници во овие преговори не сакаат да зборуваат за нивните планови и надежи. Според некои дипломати «би било навистина чудо доколку денес се дојде до договор». Според него, позициите на двете страни тешко можат да се доближат без оглед на сите ветувања на Хан за евроинтергација или работа според европските вредности.
Истиот извор вели дека денес би можело да дојде до договор за оставки на Јавниот обвинител и првите луѓе на Македонската телевизија како што бара СДСМ, во случај да не може да се дојде до договор за оставка на Груевски.
Според некои прогнози, Хан ќе инсистира на некаков успех денес во Брисел дури и доколку не може да се дојде до договор за преодна влада и човекот што ќе ја води.