Не дозволувајте медиумите, политиката или секојдневните разочарувања да ви ја пресечат последната жица. Чувајте ја. Зашто додека постои една жица, постои и песна. А додека постои песна, постои и иднина.
Во 1886 година необичниот британски сликар Џорџ Фредерик Вотс го создал ремек-делото „Надеж“.
Неодамна разгледував на интернет уметнички дела кои низ историјата носеле некакви сокриени пораки и налетав на ова ремек-дело. На сликата нема ништо што наликува на победа.Гледав една млада жена со превез преку очите, како да седи врз опустошениот свет и одбива да ја прифати реалноста. Во рацете држи лира, речиси уништена.Од сите жици, останала само една. Ова е слика за луѓето кои изгубиле речиси сè, но не го изгубиле најважното а тоа е способноста да останат смирени пред животот.
Тука започнува вистинската сила на уметноста. На прв поглед ова изгледа како обично уметничко дело. Но кога ќе застанеш пред него, тоа не бара само да го гледаш туку бара да размислуваш. Ги поттикнува мислите сами да создадат приказна.Мојата имагинација веднаш почна да ја довршува приказната. Јас за момент си замислив дека оваа девојка не очајува, наместо да плаче над изгубените, таа го наведнува увото кон последната жица, како да сака да го слушне единствениот тон што сè уште живее. Не ја прифаќа реалноста што другите ѝ ја наметнуваат. И токму тука лежи пораката за надежта.
Ако оваа слика ја пресликаме врз денешна Македонија, ќе видиме дека нејзината порака е изненадувачки современа.
Секој народ има мигови кога му се чини дека повеќе нема музика. Тоа се случува во мигови на големи транзиции,преобразби, кога институциите молчат, кога неправдите победуваат.Кога на граѓаните им личи како чесноста да станува исклучок.И токму тогаш почнуваме да веруваме дека повеќе нема музика.
Но уметничкото дело на Вотс ни кажува нешто сосема друго. Не е потребен цел оркестар за да постои надеж. Понекогаш е доволна една жица. Во преносна смисла тоа е една мисла, една искра на човечност, еден подаден збор или рака.
Можеби токму тоа е невидливата нишка што нè поврзува со универзалната љубов, добрината и со најдоброто во човекот.Но, таа нишка не ја чувствува вознемирениот ум. Не може да ја чуе човекот што постојано се храни со страв, гнев, завист,омраза и очај.
Само смирениот ум ја слуша последната жица.
Не случајно, оваа слика патувала низ историјата. Се вели дека копија од сликата висела и во ќелијата на Нелсон Мандела. Подоцна, инспириран од истата симболика, Џеремаја Рајт ќе ја одржи проповедта „Смелоста на надежта“, која силно ќе влијае и врз Барак Обама.
И навистина, на светот никогаш не му недостигале паметни луѓе.Му недостигале луѓе што умеат да се надеваат и кои се креативни.Не наивни, ниту пак заслепени.Туку храбро креативни. Токму затоа надежта не е пасивно чекање, туку активна изградба. Македонија можеби сè уште чека политичките врати кон ЕУ да се отворат. Но ниту една генерација не станала европска затоа што ѝ било дозволено. Напротив, станувала европска затоа што создала институции, знаење и достоинство што никој повеќе не можел да ги игнорира. Токму несовршените околности ги поттикнуваат граѓаните да бидат поиновативни. Затоа, ако денес ви останала само една жица , зајакнете ја и чувајте ја.
Ако денес оваа слика треба да ја преточиме во порака до младите, таа би гласела:
Не дозволувајте медиумите, политиката или секојдневните разочарувања да ви ја пресечат последната жица. Чувајте ја. Зашто додека постои една жица, постои и песна. А додека постои песна, постои и иднина.
Последната жица не звучи еднакво во сите раце. Кај професорот станува знаење. Кај лекарот е грижа. Кај родителот преминува во љубов. Кај студентот е љубопитноста. Кај политичарот таа станува чесност и одговорност. Но секогаш станува збор за истата жица, жицата на одговорноста.
Филозофски гледано, иднината постои само како можност. Затоа таа започнува најнапред како мисла.
Таа започнува во мигот кога некој ќе се осмели повторно да ја допре последната жица на својата совест и слушне во својот ум совршената мелодија.
Најголемата причина за надеж денес не е што околностите станале полесни. Не станале. Причината е што расте генерација која не се плаши да поставува прашања, која создава со технологија и која старите поделби не ги прифаќа како судбина. Секоја генерација има задача да ја сочува жицата што ќе ѝ овозможи на следната повторно да создаде музика.
Можеби и нашата генерација ја нема во раце совршената лира. Но ако успее да ја сочува последната жица, идните генерации ќе ја создадат музиката.





