Москава: Импровизирана бомба, што жена ја носела, е причината за експлозијата во близина на луксузниот ресторан во центарот на Москва вчеравечер, соопштија властите. Во експлозијата загинаа тројца, а беа повредени најмалку 21 човек.
Експлозијата се случила непосредно пред 20 часот по локално време, блиску до италијански ресторан сместен во еден од седумте облакодери од времето на Сталин, на плоштадот Кудринскаја.
Рускиот Национален антитерористички комитет соопшти дека неидентификувана жена се обидела да влезе во ресторанот, но била запрена од припадник на обезбедувањето.
Во експлозијата што следувала загинале жената, припадникот на обезбедувањето и еден гостин во италијанскиот ресторан „Балци Роси“.
Полицијата соопшти дека повредените завршиле со повреди од различен степен.
Државната агенција „РИА Новости“ објави снимка на која се гледаат тешко вооружени припадници на безбедносните сили на местото на настанот, кое било затворено за јавноста.
Властите не ги соопштија имињата на загинатите и на повредените, ниту, пак, кажаа кого го сметаат за одговорен за нападот.
Повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија врз Украина, руската Федерална служба за безбедност – ФСБ, претходно годинава соопшти дека ќе ја засили заштитата на високи воени функционери по серијата атентати за кои Москва го обвинува Киев.
Весникот „Комерсант“, повикувајќи се на свои извори, објави дека бомбата била наменета да повреди и убие гости кои седеле на летната тераса на ресторанот. Наведува дека направата можеби била активирана од далечина од друг човек и дека жената што ја носела можеби не знаела дека станува збор за експлозив.
На веб-страницата на ресторанот било наведено дека локалот вчера бил затворен поради приватен настан.




