Почитуван комесаре Хан,
Ви се обраќам најпрво со честитка за 800 годишнината од раѓањето на Магна Карта, документ на кој се поставија темелите на современа Европа. Владеењето на правото кое како принцип произлезе од овој документ овозможи денеска стотици милиони граѓани на земјите членки на ЕУ да ги уживаат придобивките на оваа темелна цивилизациска вредност. Како граѓанин на европска земја чии граѓани се стремат кон овие цивилизациски придобивки, честитката ви ја испраќам Вам затоа што токму на Вас падна благородната задача за проширување на овие вредности низ целиот континент или на единствениот негов дел како што е регионот во кој се наоѓа мојата Македонија во која се уште за жал и по овие 800 години постоење на Магна Карта недостасуваат некои од основните начела на владеењето на правото.
По повод одбележувањето на овој значаен јубилеј, британскиот премиер Камерон со право предупреди дека денеска во Европа некои од придобивките на овој но и други значајни документи од историјата кои се родија на тлото на овој континент се доживуваат како да се дадени од Бога еднаш засекогаш неводејќи притоа грижа за состојбата во која се наоѓаат тие вредности денеска. Во својот говор британскиот премиер во чија земја се роди Магна Карта алармира дека оваа генерација политичари во Европа има морална обврска да стори се што е во нејзина моќ за да ја спречи ерозијата на темелите на современа Европа предизвикана од релативизирањето на фундаменталните вредности.
Оваа порака на Камерон особено е важна за неговите колеги кои седат во столчињата на Европскиот Совет но секако и за Вас како еден од водечките луѓе во ЕК чиј мандат како императив го има чувањето но и ширењето на европските вредности меѓу кои врвни се оние во сферата на владеењето на правото како предуслов за траен мир и стабилност.
Вашата супериорност како европски политичар не произлегува од високата плата ниту од привилегиите туку од честа која ви е укажана да бидете чувар на Магна Картата за чие зачувување низ овие 800 години падна многу крв на милиони наши предци.
Во овие драматични мигови за мојата држава предизвикани од експлицитните докази за непримерниот и вулгарен однос на носителите на највисоките функции во државата токму кон начелата на владеењето на правото, вашата супериорност ви овозможува да бидете многу повеќе од Стефан Лангдон кој како медијатор меѓу одметнатите барони и забеганиот Крал Џон од Англија го понуди текстот на Магна Карта како решение за нивно помирување. Посредништвото на Лангдон имаше краток успех. Без намера да навлегувам во детали од тој историски настан мислам дека може да се претпостават причините зошто првиот обид на Магна Карта, во кои се содржани зачетоците на принципите на владеењето на правото, заврши неуспешно во намерата да го ограничи самоволието на монархот, Кралот Џон од Англија познат како владетел по принципот на „сила и воља“ (vis et voluntas). Стефан Лангдон како медијатор кој ја нуди Магна Карта како компромис денеска може само да шпеклуираме дека немал многу надеж оти некој владетел како Кралот Џон е во можност од неговата позиција на „сила и волја“ да го разбере духот на словото на Магна Карта.
Почитуван комесаре Хан,
Вие денеска не сте Стефан Лангдон на македонската Магна Карта кој има невозможна мисија да му објасни на Кралот Џон што е владеење на правото. Вие сте овластен претставник на нејзиното Височество ЕУ кое е олицетворение на Магна Карта. За денеска вие да го носите овој благороден атрибут, уште еднаш да потсетам дека во тоа се вложени милиони човечки животи низ крвава серија на војни прекината со основањето на Европската заедница во чии темели се вгради Магна Карта. Затоа господине Хан, во име на сите жртви дадени за заживување на Магна Карта, вие денеска немате никакво морално право да верувате дека било кој духовен наследник на Кралот Џон кој се дрзнува да владее од позиција на „vis et voluntas” ќе биде гарант за имплементација на принципите на владеењето на правото. Ваша должност денеска е да доделувате сертификати за успешност во имплементацијата на Магна Карта во името на нејзиното Височество ЕУ, а во форма на препораки за почеток на преговори.
Овој сертификат во ваша надлежност е најсилниот и воедно најкредибилен инструмент со кој денеска располага ЕУ за да ја задржи својата „мека моќ“ (soft power) за трансформација на општествата кои претендираат да станат дел од европското семејство во кое односите се уредни согласно словото и духот на Магна Карта. Употребата на овој инструмент за постигање на краткорочни цели и дневно политички договори дополнително ќе го разниша и онака тешко оштетениот кредибилитет на ЕУ за кој сте и самиот верувам загрижен.
Ваша работа ниту пак должност, не е да одлучувате кој ќе ја води Македонија, кој ќе биде нејзин премиер, претседател , министер или било каков раководител. Ваша должност поради која сте платени е да се грижите за придобивките на Магна Карта и да го чувате нејзиното достоинство и честа на сите оние кои се вложиле во нејзиниот успех во Европа во изминатите 800 години.
Затоа без разлика на тоа кој ќе биде договорот постигнат помеѓу нашите политичари за иднината на нашата држава, како услов за да ја добиеме и седмата по ред препорака за преговори, вие не смеете да дозволите во октомври сертификатот за Магна Карта да го врачите на човек кој документот тежок 800 години може во даден момент да го прогласи за тоалетна хартија бидејќи неговото разбирање на вредностите содржани во него ви се добро познати од многуте изминати Извештаи за напредок изготвени од вашата администрација како и од аудио записите за чија содржина имате детални информации.
Почитуван комесаре,
Препораката за преговoри, самите преговори и целиот процес на проширувањето во источна и централна Европа донесоа благосостојба и просперитет за милиони граѓани од од овој дел на континентот. Вашиот колега Гинтер Ферхојген вешто ги искористи инструментите кои беа во негова надлежност. Дозволете да ве потсетам на случајот на Словачка кога тогашниот премиер на таа држава, Владимир Мечијар се обиде да си поигра со принципите на Магна Карта, доби црвено светло од ЕК по што уследи негов пад и конечно отворање на пат за Словачка кон нејзина демократизација крунисан со членство на Словачка во ЕУ. Замрзнувањето на преговорите за членство во ЕУ како експлицитен сигнал дека земјата забегала во погрешен правец го мобилизираше словачкото општество да му го сврти грбот на Мечијар и да тргне во спротивна насока од неговата. Тоа беше историска епизода која на голема сцена ја демонстрираше кредибилноста на инструментите на ЕУ за трансформациска моќ на општествата. Токму затоа денеска вие како и сите ваши колеги во ЕУ, сте горди на процесот на проширувањето кој самите го квалификувате како најуспешен проект на ЕУ.
Обидите за релетивизација на вашите инструменти каква што е препораката за преговори во корист на постигање на некакви дневно политички и краткорочни цели ве вовлекува во опасен преседан кој самата препорака и целиот процес на преговори може да го изрелативизира до баналност, по што ќе ги изгубите сите можности да влијаете позитивно врз било кој процес не само во Македонија туку и во целиот регион кој е цел на процесот на проширувањето.
Доколку по се што е јавно обелоденето за односот на Груевски кон принципите на владеењето на правото вие повторно му ја доделите препораката за почеток на преговори врз база на некаков (било каков) политички договор, влегувате во маѓепсан круг во кој тешко ќе се снајдете. Ако Груевски како што го запознавте од аудио материјалите, ви е достоен да му доделите препорака, со кое право и кредибилитет вие ќе барате од Мило Ѓукановиќ во Црна Гора да одговори на барањата на ЕУ да испорача „крупни риби“ пред лицето на правдата. Или со кој кредибилитет ќе му се обратите на Вучиќ во Србија за да се врати назад од забеганиот пат по кој тргнал.
Почитуван комесаре, на крајот дозволете ми како граѓанин на Македонија да ви се заблагодарам Вам лично но и на сите даночни обврзници во ЕУ кои одвојуваат свои средства за да се помогнат реформите во владеењето на правото во мојата земја. Станува збор за стотици милиони евра со најблагородна намера. Исто така ве молам во име на таа благородна цел да ги информирате вашите даночни обврзници како се потрошени добар дел од тие милиони евра и која е целта која е постигната со нив.
Ова мое обраќање до вас го користам и како прилика да им се заблагодарам на сите даночни обврзници во ЕУ што издвоија дел од своите пари за мојата држава да може да ги достигне стандардите неопходни да се придружи кон големото европско семејство заедно со извинувањето што добар дел од тие средства се потрошија во јакнење на капацитетите на обвинителството и судството како гаранти на владеењето на правото кое денеска не постои во Македонија. Вината за неуспехот на тие потрошени пари е моја и сите мои сограѓани но исто толку и на институциите на ЕУ задолжени да го гарантираат трошењето на парите од европските даночни обврзници за целите за кои се наменети.
На крајот, почитуван комесаре дозволете да го завршам ова мое отворено обраќање со цитат од британскиот премиер Дејвид Камерон по повод одбележувањето на 800 годишнината од Магна Карта.
„Ајде да ја одржиме Магна Карта во живот. Затоа што она што го направија бароните во тоа време- она што ние го правиме денеска ќе го обликува светот во годините кои доаѓаат“.