Македонските партии да најдат траен политички компромис врз база на договорот потпишан во Скопје на 2 јуни.
Ова е пораката која комесарот Јоханес Хан ја испрати денес по средбата со министерот Фатмир Бесими во Брисел.
Комесарот и министерот разговарале за кризата давајќи “поддршка за напредок во дијалогот помеѓу вклучените политички партии. Комесарот го повтори својот повик до сите партии – во интерес на земјата и граѓаните – да се најде траен политички компромис кој ќе се заснова на договорот постигант на 2 јуни. Тие исто така дискутираа за итните приоритети во реформите во земјата кои Комисијата одблиску ќе ги следи во месеците што доаѓаат”, вели соопштението од кабинетот на комесарот.
Бесими изјави дека Хан му го предал извештајот што ЕК го подготви за нашата земја а што го изработи тим експерти од Комисијата под водство на поранешниот директор за Западниот Балкан Рајнхард Прибе. Овој извештај ќе го разгледува Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ во вторник во Луксембург.
„Главно е дека Македонија во Брисел има поддршка за реформите во европските интеграции, но тука се сериозно заинтересирани да видат конкретни чекори во однос на реформите и да видат успех во однос на политичкиот дијалог. Тие сметаат дека договорот постигнат на 2 јуни годинава во Скопје е валиден документ“, вели Бесими.
Според дипломатски извори, Европската комисија (ЕК) е во постојан контакт со македонските партии и покрај тоа што на 10 јуни во Брисел не дојде до договор. Надеж е дека наскоро ќе може да се закаже нов датум за средба, можеби повторно во Брисел. Хан патува за Украина на 18 и 19 јуни па можно е нова средба да се закаже за почетокот на следната недела. Во меѓувреме европската улога ќе ја преземе амбасадорот Аиво Орав.
Во меѓувреме, и Советот на министрите подготвува заклучок за Македонија. Како што е најавено, заклучокот треба да биде усвоен во вторник во Лусембург. Шефовите на ЕУ дипломатиите во Луксембург го подготвуваат самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи на крајот на следната недела.
Оттука, дипломатите во Брисел прецизираат дека од Македонија мора да дојде позитивна вест пред самитот. Во спротивно, заклучокот на оваа лидерска средба ќе мора да констатира дека политичката криза во Македонија е се уште во тек со знаци на нејзино влошување.
Дипломатот со кој разговараше НОВА тврди дека очекувањата на Брисел не се многу розови поради тоа што од 10 јуни до сега, позициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се радикализираат и го стеснуваат просторот за компромис. Сепак, како вообичаено, Брисел останува оптимист и верува дека наскоро ќе има договор.