Од 1-ви јули се затвора породилишето во Ресен. Министертвото за здравство одлучило да стави клуч на родилиштето кое постои 70 години, а жените од Ресен и околината да одат да се породуваат во Битола или Охрид, дознава НОВА од свои извори во Министерството за здравство. Во Статутот кој завчера му бил испратен на директорот на Здравствениот дом веќе не било предвидено родилното одделение.
Информацијата на НОВА ја потврди и директорот на Здравствениот дом, Трајче Ничевски. Тој тврди дека причината за затварањето е бидејќи нема гинеколог кој ќе врши породувања. Лекарката која со концеионерството отворила приватна амбуланта го раскинала договорот со Фондот за здравство, а друг гинеколог не можеле да најдат.
„Лекарката- гинеколог минатата година во април еднострано го раскина договорот со Фондот. Повеќе од една година не вршевме услуги, а родилките ги праќавме во Битола или Охрид. Не можевме да најдеме друг гинеког бидејќи сите се приватни и заработуваат добро. Затоа правната служба на Министерството за здравство го укина работењето на родилиштето “, изјави за НОВА директорот Ничевски.
Наводно, причината за раскинувањето на договорот е бидејќи докторката била казнета од контролорите на Фондот, но информацијата не е официјално потврдена. Во Ресен има само двајца приватни гинеколози, од кој едната е таа што го раскинала договорот, а втората наскоро ќе се пензионира.
Ничевски вели дека настојувал да се задржи одделението, но обидите да најдат друг гинеколог пропаднале, нема лекар кој е заинтересиран да работи во Ресен. Со новата систематизација две од четирите акушерки ќе преминат во патронажната служба, а две ќе останат да дежураат во Итната служба, токму за вакви гинеколошки случаи.
Според Ничевски, породилишето во Ресен е реновирано пред неколку години и има одлични услови како за вработените така и за родилките.
„Имаме одлична родилна сала со комплетен инстумантариум, ставени се антибактериски плочки на зидовите, имаме болнички соби, инкубатори, простор за вежбање, односно услови какви што немаат многу родилишта во државата“, вели Ничевски.
Годишно во Ресен имало од 80 до 120 раѓања. Сега нема да има ниту едно, односно бремените жени треба да се снаоѓаат, а за да се породат треба да патуваат во околните градови. Ниту едно бебе нема да биде заведено дека е родено во градот кај што живее, во Ресен.
Од друга стана вработени во Здравствениот дом велат дека службата треба да постои барем за итни случаи бидејќи во текот на годината има такви случаи. НОВА контактираше и со главната медицинска сестра-акушерка. Таа вели дека во текот на периодот додека нема гинеколог, акушерките породиле три итни случаи за кои немало време да се носат во Битола.
„Има жени кои немаат време , не знаат термин, не им е водена бременоста редовно. Главно тоа се жени од сиромашни семејства, социјално загрозени или жени Ромки. Затоа работиме на повик“, вели за НОВА Дивна Најдовска, главна акушерка во родилиштето.
И акушерките, како и граѓаните на Ресен сакаат да остане родилишетото, да се најде гинеколог кој ќе работи во Здравствениот дом. Од Министерството за здравство нема одговор зошто се затвора родилиштето и зошто не можат да најдат гинеколог од јавно здравство кој ќе работи во Ресен.
Пред неколку години се затвори и родилиштето во Неготино. Сега бремените жени патуваат за да се породат во Кавадарци, а таму има само еден гинеколог и тој е 62 годишен, пред пензионирање. Тој ги породува жените од Кавадарци и околните села, како и од Неготино и околината.
Инаку, со доделувањето на концесиите пред девет години, гинеколозите од јавното здравство станаа приватни . Тие приграбија доволен број на пациентки за да можат да добиваат надомест од Фондот за секоја од нив и не се заитересирани да потпишуваат договори со болниците.
Реформата се покажа позитивна само за гинеколозите кои добро заработуваат бидејќи имаат прикрепено по 2-3000 пациентки, но јавното здравство остана без доволен број на гинеколози кои ќе работат во амбулански и болнички услови.