Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во рамки на младинскиот работен семинар на СДММ во Охрид, пред младите рече дека аргументите за на страната на опозицијата, и за некои црвени линии не може да има отстапки.
„Преговорите ги водиме сериозно, но ослободени од притисок. За некои црвени линии не може да има отстапки. Аргументите се на наша страна. Нашите ставови се потврдени состојби во сите последните извештаи на Стејт Департментот, на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе, на ОН. Крајот на Груевски е дојден, прашање на модалитети е неговото заминување“, рече Заев.
Тој рече и дека преку проектот „Вистината за Македонија“, СДСМ и здружената опозиција испрати силна порака во земјава, регионот, цела Европа и светот дека сите оние кои ја злоупотребуваат власта, може да бидат фатени на дело и треба да понесат одговорност.
„Исто така, поттикнавме меѓуетничко единство, тоа е огромна придобивка, а ние како социјалдемократи сме предводници на тој процес“, рече Заев.
Тој зборуваше за резултатите од овој проект што почнаа со оставки на најблиски соработници на Груевски, продолжија со иницирање предвремени парламентарни избори и неопходно е да финишираат со договор за организација на власт којашто ќе спроведе фер и демократски избори во Македонија.




