Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска до изминувањето на рокот до 12 часот, не се јави во струмичкиот суд за случајот „Пуч“, по што оттаму испратиле писмена информација до Основен суд 1 Скопје.
Од судот во Струмица велат не знаат колку брзо ќе стигне писменото известување во Скопје.
Постапката предвидува известувањето потоа да се достави до надлежен судија или судски совет кој ќе го разгледа известувањето и ќе одлучи дали Зоран Заев ќе биде приведен или ќе му се даде нова можност да се јави во суд.
Заев во „Пуч“ е обвинет за насилство врз претставници на државниот врв
.
Претседателот на СДСМ, неодамна на прес конференција изјави дека веќе нема да се јавува во судот, ниту да доаѓа на закажаните рочишта, бидејќи не го признава правосудството, кое било под тотална контрола на премиерот Никола Груевски и неговата фамилија, и порача дека тој не се крие и може да го најдат во секое време или на Бихаќка во седиштето на партијата, или во Кампот на слободата пред Владата.
Неговиот адвокат, Филип Медарски, вели судот по автоматизам не одредува мерка притвор, туку мора прво да оцени дали се исполнети општите услови за обезбедување во конкретниот случај. Тој вели не може да го притворат Заев ако судот не оцени дека постои опасност да се крие или да бега.
Судот би можел да примени и други мерки, од типот на задолжително приведување на рочиште, или евентуално прво да му упати покана, па потоа ако не се појави, да побара од полицијата да го приведе.




