Лидерот на социјал демократите Зоран Заев денеска објави дека разговорите за изнаоѓање на политичко решение за кризата завршиле без договор.
-Направив се, и како претседател на СДСМ и како партија направивме се, и како граѓани на цивилизиран начин разговаравме со Никола Груевски и покрај сите судски процеси против мене, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференцијата , прогласувајќи ги преговорите за неуспешни.
Тој го обвини премиерот дека одбил нормализација на државата и институциите за доброто на Македонија и дека го оспорува договорот од 2. јуни.
Преговорите се неуспешни. Никола Груевски во континуитет го минира договорот од 2-ри јуни. Во, преговорите, тој одби да прифати споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, изјави Заев.
Заев рече дека дијалогот би можел да продолжи, само доколку дојде конкретен предлог од меѓународната заедница.
– Ако меѓународната заедница, без разлика дали е тоа Нуланд, Хан или Могерини, даде конкретен предлог, во кој се исполнети условите, а тоа се: споделена одговорност меѓу власта и опозицијата, за враќање на демократските институции, за нормализација на државата, за враќање на корективите во општеството и обезбедување услови за фер и демократски избори, тој предлог е вреден за разгледување, рече Заев.
Заев рече дека Груевски го водат лични интереси и дека немa да дозволи премиерот да ја тероризира Македонија. Лидерот на СДСМ најави продолжување на проектот „Вистината на Македонија“.
Прашан околу тоа дали ќе се спроведат избори во април, Заев одговори дека избори не може да организира оваа Влада и напомена дека доколку меѓународната заедница даде конкретен предлог, кој е прифатлив за нормализација на државата и институциите и возобновување на демократијата во земјата, таквите предлози ќе бидат вредни за разгледување.
-Избори во април ниту очекувам некој да организира ниту може без опозиција да се организираат. Уште еднаш да напоменам, на Македонија и требаат избори, но тие мора да бидат фер, демократски, слободни и регуларни, изјави лидерот на СДСМ.
Во однос на неговото апсење и дали е загрижен, Заев пред новинарите одговори дека во моментов тоа воопшто не му е важно и дека судот треба да го спроведе правото.