Коментар на Никола Спасов, основач на агенцијата Рејтинг за истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ)
ИРИ Мири пак прави конфузија, да појаснам каде е проблемот. Прво, истражувањето е спроведено, реално постои. Во рамки на редовните истражувања (кои и не се секогаш редовни) се спроведува. Анкетата е теренска на репрезентативен примерок.
Но, она што ИРИ намерно или ненамерно го прави е непрофесионално објавување на податоците. Каква е нивната пракса? Прво, прават интерна презентација за сите партии посебно, во ист ден. За ВМРО и СДСМ знам сигурно, веројатно и на албанските партии. Во оваа презентација се содржани сите податоци и рејтинзите и таа е за интерни употреби, но воопшто не им е забрането на партиите сами да споделуваат дел од резултатите. Веднаш по презентацијата тоа тие и го прават, нормално со сите пропратни спинови, половични информации, избрани резултати и така натаму. ИРИ до медиумите доставува соопштение и презентација дури два дена после презентацијата кај партиите. Зошто? Зошто ИРИ дозволува партиите сами да лиферуваат половични информации и два дена да се прави конфузија пред тие да пратат официјално соопштение? Зошто ова го прават, може треба некој да ги праша.
Второ, ИРИ во јавноста пушта соопштение со дел од резултатите, без рејтинзите. Зошто? Ако рејтинзите се за интерни употреби, зошто е дозволено партиите да споделуваат? Дополнително, ако некој како мене сака да направи анализа на сите податоци од истражувањето, дел треба да ги бара во нивното соопштение, дел по објавите на партиите. Ова е врвен непрофесионализам. И зошто ако така прават, соопштението не го пуштаат во јавноста истиот ден кога ги презентираат резултатите кај партиите. Дали намерно се остава простор за конфузија или не, останува многу нејасно.
И за крај, дури после недела дена, само на партиите, ИРИ им доставува ЦД на кое има детални податоци и анализи. Таму се резултатите по етничка линија и по другите демографски групи што се основни за анализа и заклучоци. Ние трет ден немаме увид какви се одговорите на етничките групи без кои не може да се добие реален увид во состојбата во Македонија!
Можеби е крајно време ИРИ да ја смени праксата на објавување на резултатите бидејќи ваквиот начин во најмала рака е нерпофесионален и остава простор за сомнеж.
Никола Спасов