Пеколни горештини ја зафатија Македонија неделава, кои се очекува да продолжат и во наредната недела. Според официјалните податоци од УХМР, темпeтурите се движат и до 39 степени Целзиусови, со високо УВ зрачење од 9.
Македонија деновиве е во фаза на подготвеност, односно жолта, алертна фаза од појава на топлотен бран. Затоа, засега важат само препораките карактеристични за оваа фаза, потсетуваат од Министертвото з а здравство.
„Граѓаните од цела држава треба да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица“, велат од Министерството.
Засега нема препораки да се заштитат сезонските и градежните работници кои работат на отворено иако температурите се искачуваат до 40 степени целзиусови. Нема препорака ниту за бремените жени да не доаѓаат на работа по пеколното време. За да се донесе таква одлука треба да се прогласи „топлотен бран“, а тоа се температури над 41 или 42 степени, објаснуваат надлежните.
Покрај пеколните горештини, според биометеоролошката прогноза на УХМР, условите за метеоропатите ќе многу лоши. Се очекува појава на главоболка, болки во коските и зглобовите, а во ноќните часови се очекува честа појава на општа слабост и деконцентрација, а кај некои ќе се појави и чувство на тежина во главата. Тегобите метеопатите ќе ги чувствуваат и во текот на утринските часови.
Македонија освен со горештини е соочува и со пожари. Во близина Велес на автопатот Скопје-Велес, денеска изгореа 50 хектари зимзелена шума, голема површина сува трева, како и нискостеблести растенија. Со брза интервенција на пожарникарите било спречено од пожарот да биде зафатен манастирот Св. Илија.
Пожар вчера беснееше и на планината Галичица, а Охрид во одреден период остана без струја. Струјата била исклучена превентивно, бидејќи пожарот е во близина на далноводот преку кој од РЕК БИТОЛА Охрид добива струја.