По информацијата која ја објави НОВА за тоа дека против еден градоначалник од редовите на опозицијата се води постапка во обвинението, кумановскиот градоначалник Дамјановски се огласи преку порталот Кумановски муебет.
Ги известив речиси сите амбасади во Македонија за притисокот кој се врши над мене и локалната самоуправа која ја предводам, откако власта се обиде преку кривични пријави да се пресмета со мене како со опозицски градоначалник, вели за Кумановски Муабети градоначалникот на Куманово, откако во јавноста проструи вест дека заедно со Дамјановски, кривична пријава за злосторничко здружување добиле и вработени во општината, судии, јавни правобранители, нотари и вработени во катастарот заради наводна вмешаност во издавање градежни дозволи.
Имено, МВР има поднесено кривична пријава против гореспоменатите лица, откако во истрагата било утврдено дека постојат основи на сомневање дека го оштетиле Буџетот на РМ, и тоа преку здружување, со тоа што биле издавани дозволи за градба, за да подоцна од страна на инвеститорите се направени одредени отстапувања од основниот проект што не е вина на локалната самоуправа, вели Дамјановски.
Градоначалникот на Куманово во изјава за Кумановски Муабети додава дека пријавата била примена во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, но, надлежниот Обвинител, откако оценил дека нема елементи за кривичните дела за кои се гонат десетте лица, предметот бил препратен во Јавно Обвинителство во Куманово.
Во препраќањето на предметот, како што објави НОВА, дошло до одреден судир на надлежности, па Обвинителство го вратило предметот во Скопје, за да Јавниот обвинител одлучи кој е надлежен да ги гони осомничените.
Дамјановски во изјавата тврди дека се работи за класична хајка против него, откако полицијата подолго време се обидува да најде неправилности во работењето на локалната самоуправа на Куманово, и секојпат наидува на чиста документација, бидејќи сите дозволи и решенија биле издадени според важечките закони и прописи за градба.




