Новата пратка на млеката на хрватската компанија Дукат која од денеска се наоѓаат во македонските маркети има поминато двојна контрола на безбедност и здравствена исправност.
Од компанијата информираат дека оваа пратка на млека и покрај сите микробиолошки контроли го поминала и новиот систем на контрола за присуство на микотоксини во суровото млеко од фармите.
Компанијата дополнително го воведе новиот систем на контрола во своите производствени капацитети откако во млеката беше пронајден опасниот афлатоксин М1.
Дукат претходно времено ги повлече своите производи од трговската мрежа. Но, македонските маркети од рафтовите не беа тргнати млеката на Дукат кои според Агенцијата за храна и ветеринарство не спаѓале во сомнителните пратки.
Одлуката да ги повлече своите млека од пазарот компанијата ја донесе за да се врати довербата кај потрошувачите во квалитетот и безбедноста на нивните млека.