На местото на првиот даночник Горан Трајковски, во Управата за јавни приходи ќе седне нов директор. Конкурсот за директорската позиција веќе е објавен, а четиригодишниот мандат на Трајковски е истечен, пишува ПлусИнфо.
Во Законот за Управата за јавни приходи е наведено дека на директорот му престанува мандатот со истек на мандатот, но не е прецизирано дали тој пак може да се кандидира за нов директор. Според информациите, и ако постои таква можност, мала веројатност е дека Трајковски пак би бил директор на УЈП.
Според Законот за управата за јавни приходи, директор и заменик директорот ги именува Владата на предлог на министерот за финансии. Но сепак, за именување на директор и заменик директор се објавува јавен оглас во три дневни весници. Досегашната пракса покажува дека огласот е само формалност, а дека директорските позиции се кројат со многу партиски пазарења и надмудрувања.
Според конкурсот за вработување на директор на УЈП, кандидатот треба да има најмалку 5 години работно искусто, да има универзитетска диплома и е отворен до 18. август.
Горан Трајковски е на чело на УЈП уште од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година. Во 2011 година на парламентраните избори доби пратеничко место од кое се откажа за да остане и понатаму директор во УЈП. На седница на Влада, на 29 јуни 2011 година, тој пак е избран за директор, но со функција вршител на должност.




