На границата со Грција денеска е мирно, како и во деновите пред донесување на одлуката за прогласување на кризна состојба. Специјалните полициски и армиски сили, се уште се на границата, но не е тензично и нема инциденти. Бегалците се пропуштаат во групи од по 50 до 100 луѓе, информираат од невладиниот сектор.
Кампот кој е подигнат надвор од Гевгелија има три шатори, но се уште не е прилагоден на потребите, нема ниту струја, вода.. Бегалците не се сместуваат во шаторите да се одморат, туку само влегуваат да се идентификуваат пред полициските сили. Изморените бегалци и понатаму остануваат надвор на сонце, велат активистите.
„ Бегалците се пропуштаат во групи и се носат до кампот кој е подигнат надвор од Гевгелија. Таму се идентификуваат во шаторите каде што се полицајците и потоа заминуваат да го чекаат возот или друго превозно средство“, изјави Мерсиха Смаиловиќ од невладината Легис.
Иако остануваат на отворено бегалците стрпливо чекаат да заминат од Македонија со првиот воз. Оние 4000 луѓе кои за една ноќ беа префрлени до Табановце со организиран превоз уште утрината стигнаа во Белград кад е се прифатени од тамошните активисти, но и од политичарите кои не заборавија да ги посетат и да му порачаат на српскиот народ и на меѓународниот фактор, дека нема потреба од омраза.
Еве што вели една од активистките, Гордана Пуановиќ, веднаш по пристигнувањето на бегалците во паркот во Белград.
„Уште еден ден во паркот во Белград кој е полн после неколку дена затишје испровоцирано од пеколот на македонско -грчката граница. Во овој момент во паркот се бегалците врз кои беа фрлани шок бомби и солзавец од страна на специјалците, во одбрана на македонската граница. Видовме неколку жени со завои на главата и нозете со спомени од „борбата“ во Македонија. Сите се на крај на силата, преморени, измрзнати, гладни. Многу од нив нема да имаат сила да продолжат понатаму, а нема да може да се сместат ниту во автобусите иако се ангажирани двојно повеќе од досега.
Децата кои ја преживеаа траумата за влез во Македонија, сега се на безбедно, во Белград и се среќни, расположени за дружење, цртаат во паркот и се радуваат што голготата на грчко-македонската граница помина.
„На заминување се случи чудо. Децата, насмеани од џеповите почнаа да ги вадат слатките што им беа дадени за нив и да ни ги подаруваат на нас. Одвај ги убедивме дека тоа е за нив. Децата бргу сфатија дека добро, со добро се враќа“, вели Пуновиќ.
Инцидентот на македонско-грчката граница во кој околу 4000 мигранти беа чувани во меѓузоната, без да бидат пуштени во државата се најде на ударните вести и насловните страници на сите светски медиуми. Тие известуваат дека македонската полицијата употребила шок-бомби и солзавец врз мигрантите кои се наоѓаат во безграничната зона меѓу Македонија и Грција. „Вол стрит џурнал“, „Њујорк тајмс“, „Еуронуз“, „Дејли меил“, „Франс 24“ и „Би-Би-Си“, „Сандеј“ се само дел од медиумите кои ги пренесоа извештаите на „Ројтерс“, „Асошиејтед прес“ и „Блумберг“.УНХЦР и
Амнести интернешнл го осудија затворањето на границите. Според УХНЦР, тоа се лица кои бараат заштита и мора да им се помогне, додека АИ оцени дека ваквиот чекор на македонската влада може да ја продлабочи кризата и да предизвика насилно однесување. Од Human Rights Watch побараа македонските власти итно да го запрат насилството на полицијата врз мигрантите на јужната граница со Грција.
Оттаму велат, дека од македонските власти е потребна итна истрага за употреба на шок-бомби, солзавец и гумени куршуми на 21-ви август, еден ден откако беше прогласена кризна состојба на јужната и северната граница.