Лекарите без разлика дали се приватни или работат во јавно здравство должни се да го почитуваат распоредот за дежурства бидејќи е прогласена кризна состојба на границата кај Гевгелија. Не постои акт со кој Фондот има наложено дежурства на матични лекари на граничниот премин кај Гевгелија, туку станува збор за превентивен распоред на дежурства кој се уште не е операционализиран и спроведен.
Вака во Фондот за здравство ја објаснуваат ситуацијата во која лекарите со петиција одбиваат да дежураат за мигрантите.
„Во ситуација на вонредни услови, кога во државата е прогласена кризна состојба, Министерството за здравство на лекарите може да им определи посебни задачи кои тие треба да ги исполнат. Тие работат за државата, имаат професија со јавни овластувања, заради тоа се должни да ги исполнат и почитуваат дадените обврски“ велат во Фондот за здравство.
Списокот кој бил направен превентивно е со важност од 25 август до крај на декември, но се уште не се применува. Во Фондот велат дека ги потсетуваат лекарите на Хипократовата заклетва и на хуманоста на нивната професија.
„Би сакале да ги потсетиме матичните лекари, потпишани на наводната петиција, на Хипократовата заклетва и на хуманоста на нивната професија. Фондот како институција со исклучително одговорна улога во здравствениот систем, внимава населението да има континуиранта здравствена заштита, за што Фондот издвојува значителни средства од буџетот. Фондот има склучено договор со 1471 лекар од дејноста општа медицина, за кои исплаќа годишно околу 2 милијарди денари. Како институција заедно со Министерство за здравство имаме обврска да го дизајнираме здравствениот систем за да одговори на можни кризни ситуации и преземање на превентивни чекори за навремено справување со истите“ велат од Фондот за здравство.
Од таму сепак, велат дека ситуацијата во моментот не е алармантна бидејќи Итната медицинска помош работи во три смени, со три медицински екипи. Кога ќе биде наложено, списокот на дежурства ќе биде активиран, а ситуацијата непотребно се политизира.
Од друга страна, во Здружението на приватни лекари велат дека дежурствата на матичните лекари се стопирани, откако тие реагирале во Фондот. Со писмо реагирале и до премиерот Груевски и до министерот за здравство Никола Тодоров.
„Ситуацијата на терен е стабилна и нема потреба од дежурства кога на бегалците им се пружа медицинска помош во болницата во Гевгелија. Списокот не е добро осмислен бидејќи половина од лекарите се на одмор. Како да дежура лекарот од Дојран на пример, кога таму има само двајца лекари од кој едниот е на одмор. Дојран ќе остане без лекар тој ден“, изјави за НОВА Лилијана Чолакова Дервишова, престедателка на Здружението на приватни лекари.
Во Здружението велат дека ниту од Фондот, ниту од Министертвото не дошол никој да ги види условите во кои работат лекарите бидејќи на пунктот на железничката станица нема ниту чешма, ниту вода. Предупредуваат дека немањето услови з а хигиена отвараат можност од заразни болести кои подоцна може да с е пренесат на другите пациенти во државата.
„Тоа се луѓе кои патувале илјадници километри без можност да одржуваат лична хигиена, да пренесат болести кои владеат во нивните земји. Мора да има услови за работа на лекарите“ , потенцирата во Здружението.
Од таму велат дека државата треба да ги искористи сите ресурси за да помагаат во бегалската криза. Велат дека директорите на Здравствените домови и Центрите за јавно здравје исто така можат да се вклучат во пружањето помош бидејќи немаат обврска околу концесионерите. Да не се дестабилизираат матичните лекари.
Чолакова Дервишова нагласува дека дека на децата секогаш им е овозможена медицинска помош бидејќи педијатарот од Гевгелија три месеци пружа помош во секое време, бесплатно.
Во невладиниот сектор се згрозени од информацијата дека лекарите потпишале петиција да не дежураат на железничаката станица во Гевгелија.
„Кога е КСЕНОФОБИЈАТА во прашање, никаква хуманост не постои. Тоа го увидов во последните неколку месеци кај голем дел на жители во овој регион“, вели Мерсиха Смаиловиќ од невладината Легис.