Социјалдемократскиот сојуз денеска реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој изјави дека ја разгледува можноста за изградба на ограда на својата граница слично како што тоа го стори Унгарија за да го сопре големиот прилив мигранти.
Од СДСМ велат дека Никола Груевски и неговите следбеници како Никола Попоски знаат само да поставуваат огради и да креваат ѕидови.
„Кризата со мигрантите не се решава со огради, туку со системски решенија.
Очигледно власта на Груевски нема капацитет да се справи со бегалската криза и не може да обезбеди сигурен транзит на мигрантите низ државата.
Штрајкот на машиновозачите, поради неисплатени плати, што дополнително ја комплицира ситуацијата е резултат на неодговорните политики на власта на Груевски.
Надлежните институции мора да превземат соодветни мерки за организирање и спроведување сигурен коридор за транзитирање на мигрантите низ државава.
Сликите од хаотичната состојба на македонските граници коишто го обиколија светот нанесуваат штета на и така нарушениот углед на Република Македонија.“ велат од СДСМ.




