Работните групи на партиите задолжени за договорот од Пржино, кои рано утрово донесоа одлука за специјален обвинител да биде именувана актуелната обвинителка Катица Јанева од Гевгелија, денеска во Собрание треба да го достават предлог-законот за Јавно Обвинителство.
Изборот на Јанева предизвика реакции, како обвинителка за која малку е позната во јавноста, но она што е најважно, од договорот, е кои ќе бидат нејзините ингеренции. Според извори на НОВА, тие се следниве (кликнете на линкот):
– Откако најпрво ќе се формира Истражен центар, Јанева нема точно определен број на луѓе со кои ќе работи, туку самата одлучува за бројката на тимот.
– Таа ќе има и сопствена администрација.
– Воедно, Јанева самата одлучува и за буџетот со кој ќе располага специјалниот обвинител.
– Специјалната обвинителка ќе биде задолжена за прислушуваните разговори во рокот од 2008 до 2015 година (но не е ограничена на аудио снимки и транскрипти поднесени до ОЈО, пред 15.јули 2015).
– Сите лица во новиот тим ги предлага таа, додека Советот за обвинители само ги избира.
– Доколку некој обвинител сака да земе предмет од случаите за кои е задолжена Јанева, таа има право да ги пресекува таквите одлуки.
– Според предлогот, во рок од 3 дена треба да и се обезбедат простории на специјалната обвинителка и нејзиниот тим кои нема да бидат во истата зграда каде што е Основното јавно обвинителство, а за 35 дена треба да и бидат обезбедени финансиски средства а непречено работење.
– На специјалната обвинителка треба да и се обезбеди пристап до сите информацации во било кои од институциите (УЈП, Обвинителство, УБК).
– Специјалната обвинителка ќе бара меѓународна правна помош и соработка по прашања кои се во нејзина надлежност самостојно, согласно закон, и ратификуваните меѓународни договори.
Предлог – законот ќе се гласа денеска во Собрание.