Повеќе од стотина луѓе се собраа денеска на пладне во центарот на Свети Николе пред општинската зграда за го изразат својот револт поради убиството на 33-годишниот Даниел Илиевски, кој беше застрелан од полицаец во грб.
Граѓаните од ромска националност, спонтано организирани, на протестот за нивниот сограѓанин, кој е исто така Ром, извикуваат „Правда за Џери“, „Нема правда нема мир“, „Одете во пеколот“.
Даниел беше убиен пред два дена од страна на полицаец кој дошол да го легитимира, додека тој се расправал со велосипедист кој му се испречил на патот пред неговото возило. Според официјалните информации од Обвинителството, Даниле во пијана состојба се обиудел да го прегази полицаецот.
Очевидецот за НОВА вели дека не е точно дека сакал да го прегази полицаецот, туку во моментот кога му се приближил полицаецот, тој тргнал со Ладата, а возилото му избегало од контрола, на страна бидејќи бил пијан. Според верзијата на момчето очевидец, полицаецот тргнал кон него за да го извлече од од возилото.
„Полицаецот го држеше и се обиде да го извлече од возилото, вратата беше отворена. Ладата тргна, а полицаецот се влечеше со отворена врата. Во еден момент падна, стана, го извади пиштолот и му пукаше во грб, во плешката“, вели очевидец за НОВА.
Далибор ранет, наведнат над воланот продолжил да вози до амбуланатата која била одалечена на 150 метра од местото на настанот. Успеал да стигне до паркингот на амбулантата и починал. Веднаш притрчала медицинска екипа, но не можеле да сторат ништо.
Неофицијално, куршумот останал во градите и веројатно стигнал до срцето. Наводно, на полицаецот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, но за ова нема официјална потврда од СВР Штип.
Поради дискриминацијата на Ромите, кои во Свети Николе се Христијани по вероисповед, некои од граѓаните стравуваат од ескалација на случајот.
Основното јавно обвинителство Штип пак, соопшти според првичните сознанија полицаецот го забележал возило „Лада“ кое се движело со голема брзина и велосипед кој се движел пред него. Возачот на Лада, видно лут од велосипедистот поради тоа што тој се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и започнал вербална и физичка расправија.
Токму заради тоа, полицаецот пристапил, ги одвоил и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и буткање да се спротиставува на службеното лице.
Според соопштението од Обвинителството, возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот.
Возачот на Ладата, 30-годишен жител на Свети Николе, потоа во два наврата, вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази.
Во неговиот втор обид бил спречен од страна на полицаецот, кој во полуседечка положба употребил огнено оружје и притоа му нанел огнострелна рана, од која лицето починало.
Надлежен обвинител продолжува со истражните дејствија со цел да се утврдат фактите и доказите во предметот. Неофицијално на полицаецот дури вчера, откога веста излезе во јавноста, му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.