Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Следниот пат погледајте го изразот на лицето на странците

0
By Биљана Секуловска on October 10, 2015 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Saturday, October 10, 2015 10:27

Знам, знам. Не е мал земјотресот и паниката која ја предизвикаа пратениците Талат Џафери и Крсте Мукоски, двајцата внимателно одбрани војници, за со орден на Груевски и Ахмети да бидат наградени, кога ќе ја извршат операцијата со кодно име “Орвелова Македонија”.

Нивниот Предлог-закон за забрана на емитување, објавување поседување, дури и случајно спомнување на бомбите на Заев во земјава и во странство, беше вистински фашистички (немам намера да се извинувам никому, ниту пак да го повлекувам овој термин ) концепт на воведување на информативен мрак, замолчување и изведување лобомотомија буквално на се и секого.

Но, сепак. Можеби ова беше ужасно трауматично искуство, но признајте дека епилогот, самиот пресврт е првокласна комедија на апсурдот, за која Јонеско сонувал, фантазирал да ја напише. Како кој гледа на тоа- може да ја опишете и како евтина срцепарателна комедија нарачана на некој астал со кариран чаршаф, во некоја затуцана биртија каде свират искинати жици на похабаната виолина на Ахмети и Груевски, кои не знаат кога се плаќа сметката. И нарачуваат и пак нарачуваат, без престанок бараат нацијата во еден глас да ја пее офуцаната химна Лили Марлен, додека надвор трешти Марсељезата. Тоа ви е тоа, келнерот ги превртува масите и столчињата а тие двајцата гушнати се тетураат и бараат уште една песна. А песната беше уште вчера, а не денес испеана, исплатена и оркестарот отишол веќе кај следната несреќа од земја.

Истите тие ревносни војници со амбиција да станат капетани прва класа, одлучните Талат Џафери и Крсте Мукоски, кои со војнички чекори маршираа со Светиот закон, небаре држат во рацете Библија, истите тие се вратија по истиот пат со наведнати глави и снуждени лица. Се разбира дека го повлекоа Божјиот закон, а што очекуваа друго за Бога милога?

Дека славата создадена во рок од неколку часови трае одовде па до вечноста, дека ќе станат најважните синови на партиите и ќе бидат наградени со истиот орден кој му беше врачен на Виктор Орбан, лично од Ѓорѓе Иванов, кој најмалку може да се нарече тивок, молчелив претседател. Не, тој е доволно бучен во ковањето медали и правењето штета во чување грб на Груевски низ годините, затоа немојте да го амнестирате.

Дајте ве молам, немаше кој да им каже сожаливо и да ги погледне со неверица, низ смеа, зарем навистина верувате дека ова е се уште времето на владеење на железната чизма на Груевски?

Штета, навистина штета што Талат Џафери ( за Мукоски слушам прв пат, а веројатно и последен, си ја запечати политичката кариера пред воопшто да биде удрен печатот за некаков почеток), несомнено интелигентен и сериозен човек поверува во фикцијата која некој му ја напишал и го натерал да се потпише, да стави бланко потпис на злосторство кое овој пат, ете дојде и тој ден, не поминува.

После Документот на Прибе, а подоцна и Договорот во Пржино, ништо повеќе не е прашање на желби на Груевски, ниту на Ахмети. Нивното време со овие документи е завршено и печатот е ставен. Сега се само шаховски фигури кои се прпелкаат, скокаат и прават салта за нечија друга смрт (во политичка смисла), но по секој прекорен поглед од странците, повторно се постројуваат на црно-белите полиња и со тешки чекори се елиминираат. Самите себе се отстрануваат, една по една фигура, еден по еден потег, додека не тресне некој на масата и не им соопшти дека играат фиктивна игра, компјутерска симулација, дека го живеат паралелниот свет, она за што сонуваат нобеловците на партитивните честички. Дека ништо од она што го нарекуваат политички потег има вредност во реалноста.

Тоа е нивното слободно време, leisure, доколица, наместо мала попладневна дремка, дозволена им е мала гратис симултанка на водење политика, за да се потврди само разочарувањето во нив, немањето капацитет да ја согледаат докрај реалната ситуација во која се тие ставени и во која сме ние, наспроти нив, да си докажат самите себе најпрво, дека немаат визија што понатаму со себе во светот на политиката, која е навистина ужасно привлечна, но за некои тотално неподготвени импровизатори и дилетанти, често и кобна. Да докажат дека едноставно немаат политички инстинкт за самопреживување кој најдобро функционира во панични и алармантни ситуации, е тогаш се останува буден и алертен и се потегнуваат најрационалните и најмудрите потези- го оставате противникот да преживее заедно со вас. А одмаздата ја сервирате кога е студена, на избори и на чесен начин, она што тоа тие никогаш не го научија.

Како да ви се каже отворено господине Талат Џафери, а да не бидете навреден? Следниот пат гледајте го лицето на Заев, па свртете го погледот кон странците, па направете швенк низ масата каде седат Груевски, Ахмети и повторно Заев и повторно втренчете го погледот кон странците. Оваа партија е решена господине Џафери, партијата на Груевски и на Ахмети, решена е на некое друго место, со некои други фигури, кои го ставиле потписот и сега само се игра играта, затоа што шахот е игра на нерви, мала вежба за сузбивање на оној потиснат немир и несовладана анксиозност, не е само на интелигенција и талент, не е само чист занает, има нешто и во страста во таа игра.

Ви велам господине Џафери, дозволете си само еден мал швенк на лицата на спротивната страна. Вам не е важно што тие ви велат, но нивниот израз се ќе ви каже. Играта е готова.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

И Шпанија забранува социјални мрежи за лица под 16 години – мерките ќе важат од догодина

July 2, 2026

Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела се искачи на над 2.300

July 2, 2026

Од март се враќа задолжителниот воен рок во Србија

June 29, 2026

SpaceX тајно лансираше мистериозен „Starfall“ вселенски брод – нова технологија за брз транспорт и микрогравитација

June 27, 2026

Драма во кинескиот главен град – мал авион удри во највисокиот облакодер

June 26, 2026
shortcut
ФОКУС
July 2, 2026

Црна Гора легна на буџетот на ЕУ – за 6 години ќе добие 3.200.000.000 евра

ВЕСТИ July 2, 2026

Црна Гора стана единствената земја кандидат за членство која е опфатена во следниот седумгодишен финансиски…

Масовен руски напад врз Кијив

July 2, 2026

Ирска го презема претседателството со Советот на ЕУ – на дневниот ред ја нема Македонија

July 1, 2026

Македонското знаме високо на светската велосипедска сцена – Дуња Иванова 33-та во светот

June 30, 2026
ТИКЕР

И Шпанија забранува социјални мрежи за лица под 16 години – мерките ќе важат од догодина

July 2, 2026

Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела се искачи на над 2.300

July 2, 2026

Од март се враќа задолжителниот воен рок во Србија

June 29, 2026

SpaceX тајно лансираше мистериозен „Starfall“ вселенски брод – нова технологија за брз транспорт и микрогравитација

June 27, 2026

Драма во кинескиот главен град – мал авион удри во највисокиот облакодер

June 26, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.