Христо Петрески: Во Македонија е бедно да си театарски критичар
Денеска на писателот Христо Петрески му беше врачена нововостановената награда за театарска критика на списанието „Сум“.
На доделувањето на наградата на Универзитетот ЕСРА, Трајче Кацаров, член на жири-комисијата и главен и одговорен уредник на „Сум“ рече дека списанието е омаж на многу македонски автори кои даваат свој сериозен прилог кон она што значи автентичен од на македонската книжевност, но и на многу светски автори.
„Во Македонија да си критичар, не мора да си театарски, воопшто не е пријатно. Еден од првите критичари на кои јас во тоа време му се воодушевував беше Јордан Плевнеш. Кога го пишувате текстот, многу нешта мора да ги кажете меѓу редови.
Позицијата на критичарот е многу бедна. Денес ни основните трошоци за пат нема да ви ги платат, а не повеќе од тоа. Блиску сум до идејата наскоро да објавам книга „100 театарски рецензии“, посочи Петрески.
Тој неодамна ја објави книгата „Македонска театарска критика“ во која се застапени 15 истакнати македонски театарски критичари.
Наградата „Ерго СУМ“ во иднина ќе биде традиционална, а годинава се доделува во пресрет на 27 март, Светскиот ден на театарот.