Клиниката за гинекологија излезе со официјално соопштение за смртта на 38 годишната трудница која вчера починала на клиниката. Од таму велат дека жената била примена со мртов плод во шестиот месец од бременоста, односно во 24 та гестациска недела. Трудницата имала прснат водењак и тешка гнојна инфекција.
– Со пациентката е постапено по сите протоколи во вакви тешки случаи, со максимален залог на дежурната екипа на гинеколози и анестезиолози од ЈЗУ У ГАК и анестезиолози од Карил, како и на раководниот тим кој беше повикан и присутен на клиниката.
Семејството на пациентката беше во целост навремено информирано за состојбата на пациентката. И покрај сите заложби на персоналот за жал дојде до смртен исход.
Членовите на комисијата за следење и унапредување на квалитетот за здравствената заштита итно се состана за овој случај со цел да се направи увид во овој случај по што е констатирано дека се испочитувани сите процедури – соопштуваат од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Според информациите на НОВА во моментот се врши обдукција на телото на починатата трудница. Неофицијално, според извори од Клиниката трудницата на преглед дошла во стабилна состојба, дури и сама отишла да ги направи лабораториските анализи. Сепак, од гинекологија велат дека треба да се почека наодот од обдукција кој ќе ја потврди причината за смртта.
„Ги замолуваме средствата за јавно информирање и пошироката јавност до добивањето на обдукцискиот наод од релевентните институции како доказ за дефинитивна причина поради која настапила смртта , да не објавуваат шпекулации во врска со случајот кои дополнитено би ја вознемириле јавноста и семејството“, велат од Клиниката.
Засега семејството не се огласило во јавноста.
За само два дена ова е втор смртен случај на трудница. Првиот беше во гевгелиската болница, каде починаа и мајката и нероденото бебе.